(ВИДЕО) СО СВЕЧЕНА ЛИТУРГИЈА ВО СВЕТА СОФИЈА ВО ОХРИД, ПРОГЛАСЕН НОВИОТ ВЛАДИКА НА МПЦ, ИГУМЕН ПАРТЕНИЈ СТАНУВА ЕПИСКОП АНТАНАИСКИ

Објавено на 13.07.2020 во 21:22:49 часот | Македонија

ремудрата Божја Промисла која ги устројува и води сите нешта кон спасение на човечкиот род, денеска уште еднаш го покажа своето блескаво човекољубие. Древниот и преславен храм на Премудроста Божја, соборното средиште на охридски архиепископи, неприкосновениот сведок на нашата црковна историја – стана домаќин и паметник на уште едно небоземно собитие. Имено, во сенародно државно и црковно торжество, во Света Софија Охридска, на споменот на Светите славни и првоврховни Апостоли Петар и Павле, нашиот возљубен духовен отец, старец и игумен Партениј го прими врз своите плеќи крстот на апостолското служење и беше хиротонисан во највозвишениот свештенички чин – епископскиот, понесувајќи ја титулата епископ Антаниски, според некогаш славниот црковен центар Антанија.

Светите Апостоли, „мудрите риболовци на вселената“, „сезлатните усти на Словото и на Божествената вистина“, „Духоговорниците“ и „Божествени неботајници“, „столбовите на Црква“, „органите на благодатта“, му го испратија својот апостолски благослов на Старецот и преку мудрото вдахновение на светите архијереи на Свештениот Синод на МПЦ-ОА, го ракоположија за преемник на Божјата благодат. Навистина, беше тоа една нова Педесетница, која разновременски го продолжува испраќањето на благодатта на Светиот Дух во вид на огнени јазици. А оваа лична Педесетница на нашиот игумен, епископот Антаниски г. Партениј, се случи во мисловната „горна одаја“ – раскошно украсената Света Софија, во нашиот симболичен Ерусалим – светителородниот град Охрид, кој со севкупната атмосфера и благородното настроение на мноштвото верници и гости што допатуваа во него токму за настанот, заприлега на вистински центар на христијанското благолепие. Сведоци на таа необична радост беа нашите почитувани архијереи, возглавени од Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан и особено нашиот многу почитуван и сакан пастир и владика, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, кој се покажа како вистински татко и гостољубив и штедар домаќин; потоа бројното духовенство од сите епархии на нашата Црква, како и од Бугарската, Грчката и Албанската; претставници од општествениот, културниот, научниот, политичкиот и јавниот живот кај нас, бајрактари од мијачките долнорекански села, облечени во традиционални носии од својот крај, со црковно-народни бајраци, верната мијачка гарда и многу други гости, духовни чеда и пријатели. За жал, поради општата неповолна ситуација во светот, многу наши пријатели од соседството и пошироко беа попречени физички да учествуваат во благодатното торжество, но тоа ни малку не ја намали нивната молитвена и благосрдечна поткрепа, изразена и преку преубавите честитки и благопожелби, упатени кон новиот Епископ Антаниски.

Свештенолепието на денешното единствено ликување го украсија бројните духовни чеда на Старецот Епископ, кои со својата добрина и духовна убавина му дадоа посебен украс на целито амбиент, претворајќи го Охрид во метропола на сеправославно торжество. Едноставно, сиот град, како со една душа да воскликнуваше: Таков Првосвештеник и ни требаше… (Евр. 7,26)

А на смирениот служител на Словото Божјо, со особено трогателно и боговдахновено архипастирско слово му се обрати нашиот возљубен Архиепископ Охридски и Македонски г. г. Стефан:


ПРОДОЛЖИ ГИ БОГОЉУБИВИТЕ И РОДОЉУБИВИТЕ ДЕЛА[1]

„Преосветен владико,

Денес, на празникот на светите првопрестолни апостоли Петар и Павле, со силата на Пресветиот и Животворен Дух, во заедничката молитва со присутниот народ Божји, и преку возложените раце на архијереите, ти постана епископ во Црквата Христова и приемник на апостолското служење.

Епископите, во црковната традиција, се наречени приемници на апостолите и продолжители на нивното дело, со што се истакнуваат важноста на службата и високата мисија на која се назначуваат оние коишто се удостоиле на тој чин. Оној што ја примил Божјата благодат, тој презема и обврска да се грижи, како што вели светиот апостол Лука, и за себе и за целото стадо, во кое Духот Свети ве постави за епископи, за да бидете пастири на Црквата на Господ Бог, која ја придоби Тој со Својата крв[2].

Ние веруваме дека Оној, Кој им дарувал сила на апостолите за да сведочат за Него, им ветил и дека со нив ќе биде преку сите дни до крајот на светот[3], и Тој ги поткрепувал сите генерации приемници, од апостолско до наше време. Ете, преку Тој Дух на вистината, Кој што Го примија Христовите апостоли на Сионската височинка, а во Светата Црква се чува со сета своја полнота, и ти, на денешнава хиротонија, се удостои да примиш дух на мудрост и разум, дух на совет и крепост, дух на знаење и богобојазливост[4]. Токму сето тоа, веруваме, ќе ти помага да продолжиш и, преку новата должност, уште побудно да ги надгледуваш доверените души, давајќи им пример на сите[5]. Епископската служба бара секојдневен подвиг и постојана истрајност, и, како што советува апостолот, ако така постапуваш, ќе се спасиш и себе самиот и оние што ќе те слушаат[6].

Со денешниов чин, преку Светиот Дух, врз тебе се изли љубовта Божја[7], и тој дар ќе ти помага со љубов да им служиш на луѓето и да ги исполнуваш задолженијата што ќе ти бидат определени од нашата Света Црква и од надлежниот архијереј. Продолжи да ги надградуваш доверените души во доброто и во благочестието. Постојано моли се за твоите дела да Му бидат угодни на Бога. А љубовта Божја ќе ти дава сили за секое добро дело, зашто, како што вели свети Ефрем Сирин, „кој има љубов, тој ја исполнува волјата Божја и тој е ученик Божји“[8], односно кој има љубов, тој никогаш и никого не одбегнува: ни млади ниту возрасни, ни славни ниту непознати, ни сиромашни ниту богати, туку себеси се поставува подолу од сите, за сѐ се извинува и сѐ претрпува[9], како што порачува светиот апостол Павле.

Ваквите совети нека ти бидат водилка и нека ти помагаат за да бидеш добар пастир[10], трудејќи се да имаш мир со сите и да имаш светост, без која никој нема да Го види Господа[11]. А сето тоа ќе можеш да го постигнеш служејќи Му на Бога и на верниот народ, преку послушност кон Господа и кон Мајката Црква.

Љубовта евангелска и понатаму нека ти биде мерка во сите твои дела, во сите твои постапки и однесувања, како кон монаштвото и кон свештенството, така и кон верниот народ. Биди пример во верата, која дејствува преку љубовта[12], и труди се со личниот пример да упатуваш кон Патот на спасението и кон Изворот на надежта.

Како архијереј, викарен на Дебарско-кичевскиот Митрополит, и игумен на Бигорскиот манастир, во крај и меѓу народ од различни националности, култури, верски и други припаѓања, продолжи да негуваш добри односи со сите, труди се да покажеш дека Црквата има обединувачка задача, дека сѐ и во сѐ е Христос[13] и дека во Него сите треба да сме едно[14].

Од она што си го постигнал како игумен и духовник на Бигорскиот манастир, покажуваш дека Бог те дарувал со различни дарби: да насочуваш кон вистинскиот пат, да привлекуваш за Господа и да упатуваш кон Господа богокопнежливи души, да им ги откриваш тајните на монашкото живеење, да го шириш словото Божјо и да ги умножуваш оние коишто ќе живеат достојно според заповедите на верата.[15]

Продолжи да градиш и да надградуваш дела со трајни вредности, дела за слава на Бога и дела спасоносни за нашиот народ. Проповедај го словото, настојувај во погодно време и во невреме, укорувај, забранувај, советувај со голема долготрпеливост и поука[16], за да можеш што појасно и што поубедливо да ја сведочиш евангелската вистина и на верните да им служиш како пример во словото, во поведението, во љубовта, во духот, во верата и во чистотата[17], како што советува светиот апостол Павле. Ако така постапуваш, ќе можеш и понатаму да привлекуваш, и во манастирот и во Црквата, уште побројни души коишто копнеат по вистината и по Бога.

Во досегашниот 25-годишен монашки живот, ти покажа и богољубие и родољубие, се стекна со мудрост и искуство потребни за секој духовник и пастир. Твоето име ќе биде забележано меѓу оние коишто го продолжија и го помогнаа воскреснувањето на монаштвото во Македонија. По твојот пример тргнаа десетици и десетици монаси и монахињи, па, денес, покрај во Бигорскиот и во Рајчица, се црнеат монашки раси уште во неколку наши други манастири. Прилика е да го истакнеме и тоа дека под твое раководство воскресна и мијачката градителска мајсторија, а покрај неимарските убавини, Бог те дарувал и луѓето духовно да ги надградуваш и да ја градиш Црквата во нивните души ‒ да придонесуваш во градбата на живата Црква.

Досегашното монашко и игуменското искуство, ќе ти бидат од голема полза и во епископската служба. Денешниов чин е за сеопшта радост на нашиот верен народ и на нашата Света Црква, но, веруваме, се радуваат и душите на славните претходници: на Јован Дебарски, првиот и славен Архиепископ Охридски, на родољубивиот Мијак Партениј Зографски ‒ Епископот Кукушко-полјански, како и на Иларион и на Арсениј, и на сите доблесни игумени и црнорисци од сите генерации на Бигорските братства и од сите места во Бигорската околина, коишто ги красела љубовта кон Бога и кон родот наш.

Поткрепувајќи ги духовно слабите и морално паднатите, помагај им на оние коишто тргнале по лош пат и се оддале на современите зла, како и на сите коишто не ја нашле или скршнале од вистината. Во овие времиња преполни со најразлични искушенија и предизвици, наоѓај време за сите, а особено за помладите. За жал, како народ, држава и Црква, сѐ уште сме пред портите на правдата: и за националната и за црковната македонска вистина. Но силно веруваме дека ќе истраеме и дека се ближи денот кога и последните неверни томи ќе ја разберат и ќе ја прифатат сета наша македонска вистина. Во таа борба за нашата вистина и правдина, повикани сме сите да учествуваме: и јерархијата, и монаштвото, и свештенството, и верниот народ и сите коишто оваа земја ‒ Македонија, ја чувствуваат за своја Татковина, а Црквата Македонска и Охридска ‒ за своја духовна Мајка.

Преосветен владико,

Внимавај и чувај ја довербата што ти се дава и, по молитвите на светиот Јован, Претечата и Крстителот Господов, на светите првоврховни апостоли Петар и Павле и на светите Климент и Наум,  охридските чудотворци, сите твои постапки и дела нека бидат за доброто на нашите народ и Црква, та во сѐ да се прослави Бог преку Исуса Христачија слава и владеење се вечни[18].    

Прими го овој епископски жезол и благослови го народот Божји, принесувајќи молитви кон милостивиот Бог, за да ти испрати изобилни дарови од Животворниот Дух, да те усоврши, да те укрепи и да те направи непоколеблив[19]! Амин!

Долгоденствувај, Преосветен владико!“

ИЗВОР: БИГОРСКИ МАНАСТИР

 

 

loading...

 

Македонија

Свет