ВИРУСОТ НЕ Е МРТОВ, ТИЕ ШТО МАСОВНО СЛАВАТ ГО ЗАГРОЗУВААТ ЗДРАВЈЕТО И НА ТИЕ ШТО ГИ ПОЧИТУВААТ МЕРКИТЕ, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ

Објавено на 25.05.2020 во 18:41:20 часот | Македонија

ТИЕ ШТО МАСОВНО СЛАВАТ ГО ЗАГРОЗУВААТ ЗДРАВЈЕТО И НА ТИЕ ШТО ГИ ПОЧИТУВААТ МЕРКИТЕ, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ„Коронавирусот ниту е мртов, ниту е заминат, масовните собирања се загрижувачки“ - министерот Венко Филипче. (Фото: Ѓ. Личовски)

 

Министерот за здравство Венко Филипче вели дека коронавирусот ниту е мртов ниту е заминат. Тој е тука, вели тој во неговиот фејбсук статус објавен утринава, откако поглаварот на Исламската верска заедница Сулејман Реџепи, на прославата на празникот Рамазан Бајрам изјави дека вирусот е умрен.

 

Министерот Филипче вели дека проблемот со КОВИД-19 ќе се провлекува се додека има такви кои го ингнорираат.

Филипче пишува дека фотографиите и прилозите од вчерашното празнување во верските храмови и пред нив се повторно загрижувачки, и дека покрај апелите на здравствените институции да нема масовни собирања, да се почитуваат мерките за држење дистанца и ограничувањето на движењето, тоа не се случи.

„Го почитувам празнувањето и силно верувам дека тоа се значајни настани за сите нас, независно на која вера припаѓаме. Но, оваа година празниците во целиот свет се празнуваат на еден поинаков начин, ставајаќи го сопственото здравје и на нашите сограѓани пред сѐ и над сѐ. Им благодарам на граѓаните кои се придржуваат кон мерките, а кои за жал, понатаму можат да бидат изложени на ризик поради оние коишто тоа не го прават“, вели Филипче.

Тој уште еднаш повтори дека здравствените работници не можат сами да ја победат болеста.

„Мерките се добри и навремени, но тие функционираат само ако се почитуваат, во спротивно немаат ефект. Почитувањето на мерките и ефектите од нив зависат само од нас како граѓани. Едноставно мора да се прифати новиот начин на живот, мора нашето секојдневие да го прилагодиме почитувајќи ги препораките“, реагира министерот.

Од првомајските празници наваму кривата на нови заболени е во благ, но константен пораст, пресметано со просек од пет дена, за да се отстранат евентуални аномалии на дневна основа. Врвот беше достигнат на средината од април, кога беа регистрирани рекордните 107 случаи (16.4), но потоа бројката на нови заболени почна драстично да паѓа, сè до почетокот на мај, кога три дена по ред (3-5.5) имаше и едноцифрен број нови случаи. Оттогаш, кривата е во пораст и само пет дена имаше под 20 нови случаи.

 

 

loading...

 

Македонија

Свет