ПЕТАР КОЛЕВ: Посветено на хероите, срамните исклучоци и нивните проблеми!

Објавено на 08.04.2020 во 23:46:08 часот | Македонија

Драги пријатели,

По повод Светскиот ден на здравјето би сакал да им го честитам празникот на нашите херои во бели мантили, но и да потсетам на неколку прашања за кои години на ред нашето општество не може да најде соодветен одговор.

Почитувани медицински работници, вашата огромна пожртвуваност, посветеност и одговорност, заслужуваат огромна општествена почит и благодарност, со исклучок на оние поединици кои претставуваат срам, не само за вас како претставници на најблагородната професија туку се срам за секој совесен граѓанин во нашата земја.

Точно поради овие факти би споделил дека нашето општество има огромен долг кон вас, огромното мнозинство на посветени, чесни и одговорни здравствени работници.

Белата чума што ја коси нашата Македонија, можеби е најсурова точно кон вас луѓето во бели мантили. Голем дел заминаа, други се подготвуваат да заминат во потрага по подобри плати, подобри услови за работа и не на последно место поголема безбедност.

Ова е процес кој мора да биде прекинат!

Вие сте еден од столбовите на нашето општество кој ако го изеде корозијата на масовното иселување, Македонија и секој еден од нас ќе биде изложен на сериозна опасност. Точно поради тоа, точно во овој момент и на овој ден сметам дека оваа тема треба да биде отворена во општеството и секој еден од нас да покаже подготвеност и желба да работи со крајна цел вие да немате потреба да ја барате вашата среќа далеку од родниот дом.

За моја огромна жал на сите ни е јасно во каква состојба се наоѓа македонското јавно здравство, сите знаеме со какви препреки се соочувате во извршувањето на вашата благородна работа и токму заради тоа, ќе биде лицемерно од моја страна да ви раскажувам розови приказни за тоа како работите ќе се средат, а вие херојски ќе треба да истрпите додека тоа стане реалност.

Потребна е напорна работа, што треба да биде завршена пред и последниот од вас, да се откаже да се жртвува секој ден за понижувачка плата и во супстандардни услови.

Вие драги мои лекари, медицински сестри и сите останати медицински лица, секогаш сте биле наши херои, сега кога сте на првата линија во борбата против ова зло што нѐ снајде, само го потврдивте вашето јунаштво.

Ви посакувам на сите медицински работници многу здравје на вас и вашите семејства и многу успеси во вашата одговорна работа. Бидете здрави и чувајте се драги мои пријатели, бидејќи вие сте живиот штит кој и во овие тешки моменти се грижи и го чува животот на секој еден од нас.

Ви благодарам за сѐ што правите за граѓаните на Македонија!

Авторот е претседател на Граѓанско демократска Унија (ГДУ)

 

 

loading...

 

Македонија

Свет