Министерството за здравство: Подготвени сме за пикот, на располагање има повеќе од 1.000 кревети за хоспитализирање пациенти со коронавирус

Објавено на 03.04.2020 во 22:18:24 часот | Македонија

Здравствениот систем е подготвен да апсорбира поголем број пациенти, кој се очекува со пикот на коронавирусот кон крајот на април, изјави министерот за здравство, Венко Филипче, на вчерашната прес-конференција.

Министерството за здравство има на располагање повеќе од 1.000 болнички кревети за хоспитализирање пациенти со коронавирус во: Клиниката за инфективни болести со дополнителните капацитети, болницата „8 Септември“, инфективните одделенија во Штип, Гостивар и во Велес, Институтот за белодробни заболувања во Козле, депандансот на Министерството за труд и социјална политика во Демир Капија, како и понудените капацитети од приватните болници.

Клиниката за инфективни болести заедно со дополнителниот капацитет за прием на тешко и среднотешко болни пациенти од коронавирус располага со 250 болнички кревети, а со речиси 400 кревети болницата „8 Септември“ во Скопје.

„Во моментот на Клиниката за инфективни болести се лекуваат 59 пациенти, што претставува една четвртина од расположивите капацитети само на оваа локација, што значи дека овие институции располагаат со доволно капацитети, но и со инфектолози специјалисти на инфективна медицина и обучен медицински персонал“, велат од МЗ.

Од таму велат дека моделот на третман и лекување на тешките и среднотешките пациенти во институции каде што има специјалисти на инфективна медицина, во комбинација со домашното лекување, е модел на пристап кон пациентите со коронавирус што се применува во Германија и се покажува како солиден и може да се аплицира во нашата земја.

Воспоставенa e координација помеѓу повеќе нивоа на институциите во рамките на здравствениот систем – примарните лекари, здравствените домови со пунктовите каде што се земаат материјали, секундарните болници и клиниката како врвна институција од терциерното здравство.

Здравствениот систем е спремен да прими и поголем број пациенти од бројката на пациенти што сега се третираат во болниците и е подготвен за пикот што, според процените, се очекува на крајот на април“, велат од Министерството.

 

 

loading...

 

Македонија

Свет