ВАКВИТЕ МАЛИ ПОБЕДИ РАДУВААТ: Нема коронавирус бебето родено на ГАК од мајка позитивна на вирусот

Објавено на 03.04.2020 во 12:47:27 часот | Македонија

Министерството за здравство информира дека е негативен на Ковид-19 резултатот на бебето родено на 30 март на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје од мајка позитивна на вирусот.

Пациентката позитивна на вирусот роди живо машко новороденче кое е недоносено и се наоѓа на интезнивната нега на Клиниката за гинекологија и акушерство.

На 31 март, неговата мајка поради отежнато дишење со намалена сатурација, беше веднаш префрлена и хоспитализирана на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, од каде информираат дека нејзината состојба е стабилна.

Родилката од Куманово е на возраст од 27 години. Таа беше спроведена и породена во изолација, заради фактот што истата како суспектна на Ковид-19 и упатна дијагноза која укажува на намалената плодова вода била најавена и испратена на Клиниката преку својот матичен лекар. При приемот, на пациентката освен комплетната лабораторија, веднаш и е земен брис за Ковид- 19.

На Клиниката за гинекологија и акушерство со пациентката е постапено по сите протоколи за прием на суспектен или заразен пациент како во однос на нега и третман, така и во однос на адекватна заштита на персоналот и изолација на пациентот.

Директорката на Гинеколошко акушерската клиника во Скопје Викторија Јовановска денеска изјави дека родилката со коронавирус е во добра здравствена состојба и е хоспитализирана на Инфективната клиника, додека бебето, кое беше утврдено дека е негативно на короновирус, е во стабилна здравствена состојба, иако е родено предвреме.

– Бебето е негативно на коронавирус. Би сакала да ги смирам трудниците и да апелирам до нив да не ја извртуваат вистината, да не лажат и да не ги прикриваат фактите. Сите сознанија, иако се ограничени, се дека многу малку од трудниците ќе заболат и ќе бидат со лесна форма на болеста. Доколку точно ги кажат своите промени во нивната здравствена состојоба, се тоа што им се случува во нивното семејството или во нивните социјални врски и контакти ќе бидат безбедни и тие и нивните бебиња, рече Јовановска.

ГАК, како што кажа таа, функционира во вонредни услови, а одлуките на Клиниката ги носи координативно стручно тело.

 

 

loading...

 

Македонија

Свет