Банките се корисни за народот и добро е што ги имаме, кој ги мрази банките си ја мрази својата неспособност и својот неуспех во животот

Објавено на 02.04.2020 во 13:43:51 часот | Колумни

Саше Ивановски

Новинар, основач и сопственик на Мактел.мк


Банките заедно со полицијата ,  судовите и со извршителите се еден добар систем за понуда на пари и оплодување и чување на пари, кој функционира речиси беспрекорно и добро е што го имаме како таков.

Можете ли да замислите свет без банки? Каде за да дојдеш до пари ќе треба да се позајмуваш од индивидуи, или за да чуваш пари ќе треба да ги даваш на разни индивидуи?

Во тој хаос кој на кого ќе му врати долг, кој на каков начин ќе наплати долг, под кои проценти ќе се даваат кредити?!

Ќе мора да молиш, врски да фаќаш, ќе има разни дискриминации на етничка, расна, класна и каква ли не база, тоа ќе беше еден невиден хаос.

Вака си има закони си има институции, јасно се знае под кои услови се земаат кредити, си има меници, гаранции, извршители, секој е должен да се држи до договорот.

Зошто банките прават профит? За да имаат резерви ако не дај боже дојде до криза, за да опстанат, за да не пропаднат зза да спиете мирно сите вие што чувате во банките над 4 милијарди евра тешко заработени пари што со штедење што со работа цел живот по белиот свет... И секако за да делат дивиденда на оние кои инвестирале пари во нив.

Инвеститорите своите тешко спечалени пари ги дале на банката како капитал за да таа дели кредити и преку камати да ги оплодува тие пари. И тука на дело доаѓа прекрасноста на капитализмот, КАДЕ НЕМА ПОРАЗЕНИ, сите добиваат - кредитобарателите добиваат релативно ефтини пари да си купат куќа и кола и да ги исплаќаат 10-20 години притоа да не одат пешки цел живот и да не бидат бездомници или кираџии, банките и вработените си добиваат плати за својата работа, акционерите си добиваат профит за инвестираните пари, државата си добива даниок и развиена економија?

Кои се МРЧАТОРИТЕ? Оние кои земале кредит па не можат да го вратат. Па криви им се банките, криви им се извршителите, крива им е државата, крив им е капитализмот, системот, светот, господ?!?!

Но немаат храброст да се погледнат во огледало и да разберат дека ТИЕ САМИТЕ СЕ ВИНОВНИ! Не доволно работат, не се доволно квалитетни и вредни на пазарот на труд, не сакаат да почнат свој бизнис, не сакаат да ризикуваат, не сакаат да работат повеќе од 8, 10, 12, 15 часа дневно?!

Јас на пример имам едно 5 до 7 кредити, што на име на фирма, што на лично име, што на име на жена ми, родителите итн итн... Но сите кредити редовно ги плаќам сервисирам на време.

Затоа што работам по 15 до 18 часа на ден, 365 дена во годината!!! Дури и на нова година. Кога одиме на одмор на плажа седам со лап топ и млатам како луд по тастатурата немам време ни еден час да се опуштам ни кога идам на море или езеро.

Стресот е огромен да водиш сам своја фирма, разни казни, давачки сметководители, клиенти, тужби, соработници, но на крај успевам да заработувам сума на пари која ми дава можност да ги враќам сите кредити на време.

Затоа престанете да плукате по банките, тие само се тука да ви помогнат на ваше барање, НИКОЈ НЕ ВИ ДАВА КРЕДИТ НА СИЛА, вие сте отишле да побарате ПОМОШ, ЗАЕМ, за да си ги платите вашите лични трошоци.

Банката ви искочила во пресрет, ВЕРУВАЛА ВО ВАС, ви дала кредит, пари, туѓи пари, за вие со нив да располагате. Ако не можете да ги вратите со камата, вас треба да ви биде срам, а не да бидете дрски да плукате по тие кои ви дале заем и верувале во вас дека ќе ги вратите на време.

И на крај, зошто во оваа криза, банките наплатуваат камата на грејс периодот додека чекаат вие да се оправите од КРИЗАТА СО КОРОНА? Епа затоа што ратите на кредити МОЖЕТЕ ДА ГИ ЗАМРЗНЕТЕ, ама тие 2000 души што работат во банките не може да ги замрзнете, тие мора да носат дома плата, да плаќаат сметки и да ранат фамилија! Па и самите да враќаат кредити, пошто и тие се задолжени некаде.

Тоа е тоа, не ја разбирам омразата кон банките, тие се бизнис, како што се бизнис и маркетите, приватните болници, телекомите, превозниците, сите земаат маржа само што не ја гледате, како што во банките маржата е одделена во вид на камата па ја гледате и урлате, но маржата е многу поголема во други бизниси, на пример телекомите ви наплаќаат огромни суми за тоа што зборите на телефон, обичен сигнал пренесен преку антени што нив ги чини многу малку па затоа со години телекомите имаат по 200 до 300 милиона евра чист профит годишно за што никој во земјава не се буни...

п.с Овде дури ги ставам и оние фирми за брзи кредити, тие па даваат пари на секого, треба само да си жив кога ќе влезеш во канцеларија кај нив, и затоа наплаќаат повеќе камата, но и они се драгоцени во овие тешки времиња и добро е што ги имаме и нив.

 

 

loading...

 

Колумни

Македонија