Димитров: Досега вративме 2 илјади граѓани од странство, опозицијата си игра политика

Објавено на 01.04.2020 во 23:26:25 часот | Македонија

Со интервенција на Министерството за надворешни работи, по воздушен и по копнен пат, досега од странство во земјава се вратени 2.020 македонски државјани. Како што изјави министерот Никол Димитров на Алсат М, досега помош од МНР побарале 5.228 лица, а 2.890 се согласиле да бидат минимум 15 дена во задолжителен државен карантин и да ја платат цената на билетот.

-Значи ние имавме два повика со цел да им помогнеме на нашите грѓани кои се затекнаа во странство во услови кога комуникациите, границите, аеродромите и редовните летови се затворија, да се вратат. Имавме еден повик со рок до 22 март да се пријават, дали преку дежурниот тим на МНР, дали преку дипломатско-конзуларните претставништва – рече тој.

Во однос на критиките од опозицијата за наводното „перење пари“ преку чартер летовите, Димитров рече дека станува збор за несериозно однесување во вонредна состојба.

-За набавката на чартер летовите надлежен е Генералниот секретаријат на Владата, не го прави тоа МНР. Ние сме во тек со процесот. Се работи со авиокомпанијата која што ќе понуди најниска цена и таа сума се дели со бројот на луѓето што патуваат, а нивните уплати одат на приходната сметка на ГС при Владата. Значи, нема контакт, се е многу едноставно и бројките се јасни, така што мислам дека да се игра политика во момент на вонредна состојба и тоа на ваков начин во најмала рака е несериозно – нагласи Димитров.

Шефот на дипломатијата нагласи дека државата сака да им помогнеме на сите македонски државјани што се во странство, но, како што порача, мора да се има предвид дека ограничувачки фактор претставува капацитетот за државен карантин.

 

 

loading...

 

Македонија

Свет