ДОКТОР ДАНИЛОВСКИ СО БРУТАЛНА РЕАКЦИЈА ДО ЖАН МИТРЕВ: ДА СИ ГЛЕДА ТОА СРЦАТА И ДА НЕ ЛУПА ГЛУПОСТИ ЗА КОРОНА КОГА НЕМА ПОИМ ШТО ЗБОРУВА

Објавено на 01.04.2020 во 17:43:40 часот | Македонија

Деновиве јавноста имаше можност да слушне излагања на врвни доктори кои не се епидемиолози или инфектолози, а кои им препорачуваа на граѓаните меѓудругото, како превентива од вирусот ковид-19, да се инхалираат со било што, па и со алкохолни пијалоци зашто така се намалувала можноста за развој на вирусот во белите дробови.

По ваквите советувања наменети за граѓаните, „Мета.мк“ побара одговори и појаснувања во однос на овие препораки од експерти во областа на епидемиологијата. Разговаравме со епидемиологот проф. д-р Драган Даниловски, со цел јавноста да биде точно информирана, да знае што се случува во организмот и чии совети треба да ги применува во оваа ера на корона вирус која ја живее светот.

Проф. Даниловски е дециден – со оглед на тоа дека се наоѓаме во една ситуација на страшен предизвик и во која не ни е дозволена ниту една грешка, многу е важно да внимаваме што читаме, чии совети слушаме и какви препораки применуваме.

– Кога ќе се воспостави инфекција, кога ќе се оствари контакт со вирусот, тој навлегува низ респираторната слузокожа на носот и во ждрелото и се врзува со т.н. АЦЕ2 рецептори (тоа се ензими кои ги има во клетките во носот и во ждрелото и во белите дробови, бубрезите и цревата и во срцето). Вирусот влегува во носот или во ждрелото, а може да влезе и во очната слузокожа. Ако вирусот се врзе за АЦЕ2 рецепторите во слузокожата на носот и во ждрелото, вие можете каква сакате вода да пиете, жешка или ладна или да правите гаргара со сода бикарбона. Нема сила која може да го извлече од внатрешноста на клетките во кои тој пенетрирал, се врзал за тие рецептори. И ништо живо оттаму не го трга – објаснува проф. Даниловски.

Потоа, вирусот си го следи својот пат. Се спушта надолу низ респираторниот систем и размножувајќи се, освојува сѐ повеќе клетки. Сето ова се случува во периодот на инкубацијата.

– Ако е инкубацијата пократка, толку поголема количина вируси навлегле на самиот почеток кога се случила инфекцијата. Во зависност од тоа колкава колична вируси влегле во почетокот, толкав е и нивниот напредок надолу кон долните дишни патишта преку душникот, сε додека не дојдат до алвеолите во белите дробови (и не само таму туку и во бубрезите, срцето, цревата). Сепак, доминантен орган каде има најмногу АЦЕ2 рецептори се белите дробови, таму најмногу вируси се собираат и затоа манифестациите се белодробни. Затоа, примарно се манифестира како пневмонија, а сите други симптоми се секундарни – продолжува професорот.

Во белите дробови, вели тој, може да се случи воспаление кое некогаш знае да биде толку многу изразено, а се вика цитокинска бура. Со други зборови, се работи за воспаление кое не е нормално, туку е хиперсензитивна реакција која буквално го растура белодробието.

– Ако е точно, а е точно, дека вирусот кога ќе влезе во горните респираторни патишта си има своја патогенеза, која зависи од почетната инфективна доза и од тоа зависи брзината на развојот на настаните, тогаш, никакви интервенции однадвор со ладење или греење, со дишење или недишење на ладен воздух, нема да помогнат. Затоа, ова објаснување ми изгледа многу наивно и е на многу ниско ниво на експликација. Никакви интервенции не можат да го сопрат напредувањето на вирусот. Мит е да мислите дека ако пиете топол чај, односно ако ви е жешка устата, ќе го убиете вирусот – вели професорот.

Тој повикува на сериозност во ова време кое човештвото за првпат го живее.

– Се наоѓаме во еден страшен предизвик. Ние буквално се наоѓаме во т.н. воена состојба, во која не смееме да направине ниедна грешка. Најмала грешка може да не` чини судбина на цел народ. Можеме да се соочиме со италијанско или шпанско сценарио, а внимавајте, тоа се држави и системи кои се далеку помоќни од една наша мала Македонија. Ние немаме право да згрешиме. Ние мораме да бидеме дисциплинирани како никој на планетава. Зборувам за опстанок, зборувам за геноцидни случувања во непосредна иднина. Затоа, од луѓе кои се лаици за епидемиологија, независно во чие име и презиме се персонифицирани, ќе кажам дека немаат право да шекулираат, злоупотребувајќи ја несреќата на народот. А граѓаните, апелирам да отворат четири очи кога некого слушаат – нагласува Даниловски.

Според него, луѓето треба да го прават единствено она што го препорачува Светската здравствена организација (СЗО) – само она што се вика социјална дистанца, оддалечување едни од други, несобирање во групи, изолирање, посебно сега, кога најновите сознанија укажуваат на тоа дека вирусот останува во воздухот три часа.

– Некој ќе рече дека имунолошкиот систем треба да се јакне. Но, сите се подеднакво осетливи на инфекцијата. И кај спортист и кај старец, инфекцијата ќе се случи. Вирусот не простува. Сепак, од кондицијата на организмот, дали е помлад или постар зависи каква ќе биде клиничката слика. Таа ќе биде полесна за оние со посилен имунолошки систем. Најновите сознанија за ковид-19 говорат дека сепак вирусот се шири и аерогено, а не само по контактен пат, што ја објаснува филмската брзина на неговото ширење – додава Даниловски.

Тој потенцира дека секој доктор е нормално да има општи познавања. И кардиологот е доктор, но сепак, вели, луѓето во вакви времиња треба да умеат да ги филтрираат информациите и советите кои им се нудат.

– Слушајте ги исклучиво оние на кои тоа им е работа. Сите совети и препораки на епидемиолозите се преточени во препораките кои се наоѓаат на веб-страницата на Министерството за здравство, како и на Институт за јавно здравје. Сето друго, е оставено на совеста на граѓанинот, дали ќе слуша совет да прави гаргара со сода бикарбона или да се инхалира со топла вода – завршува професорот.

 

 

loading...

 

Македонија

Свет