(ВИДЕО) Уште еден напуштен простор станува парк, овој пат во Кисела Вода

Објавено на 27.02.2020 во 15:33:39 часот | Македонија

На неуредениот простор меѓу улицата Лазар Димитров и железничката пруга во Кисела Вода деновиве се уредува нов парк. Новата зелена оаза ќе зафаќа површина од 16.000 квадратни метри и во него ќе се засадат над 150 листопадни и 240 зимзелени садници, како и околу 400 украсни грмушки. Градоначалникот Петре Шилегов и градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски, денеска извршија увид во уредувањето на оваа зелена површина.

- Градот Скопје во соработка со Општина Кисела Вода го облагородуваат овој простор што порано беше дива депонија. Овде ќе никне нов парк на површина од 16.000 квадратни метри, кој ќе биде партерно уреден со детски игралишта. Ќе придонесеме овој дел од градот што беше целосно запуштен да добие урбана нота и да биде уреден за граѓаните да добијат достоинствено место каде што ќе го поминуваат своето слободно време со своите деца. Градот Скопје интензивно уредува вакви неуредени локации и диви депонии, пред неколку дена го промовиравме новиот парк во Аеродром, сега сме во Кисела Вода, а се работи и во Ѓорче Петров и во Карпош 4. Места кои претходно биле диви депонии прераснуваат во мали зелени оази за да придонесеме за поздрава и поубава животна средина - рече денеска градоначалникот Шилегов.

Паркот во Кисела Вода ќе располага и со систем за наводнување и хидрантска мрежа со вкупна должина од 500 метри.

 

 

loading...

 

Македонија

Свет