Заев навести две новини на изборите: Етнички мешана коалиција и родово балансирани листи

Објавено на 21.02.2020 во 19:58:25 часот | Македонија

Според лидерот на СДСМ, преговорите за проширување на коалицијата, со партнери од албанскиот блок, би завршиле до 9 март, кога ќе се одржи партискиот конгрес за утврдување на кандидатските листи за пратеници

Проширување на коалицијата на СДСМ со нови партнери, најверојатно и од албанскиот политички блок, најави денеска претседателот на СДСМ, Зоран Заев, при посета на Виница. Како што пренесуваат дел од медиумите, Заев рекол дека очекува преговорите за коалицирање да финишираат до 9 март, кога ќе се одржи партискиот конгрес за утврдување на кандидатските листи, што треба да бидат доставени до ДИК до 12 март.

Според Заев, СДСМ е во предност во однос на коалициското договарање за претстојните избори со сите партии, а особено со оние од албанскиот политички блок. Тој не прецизира со кои партии од албанскиот блок разговара за изборно сојузништво, односно дали во тој „пакет“ се само Беса и ДПА, со оглед на тоа што ДУИ се определи за самостоен настап, а Алијансата за Албанците и Алтернатива само што склучија договор за коалицирање.

„Со ДУИ ги решивме крупните политички прашања, а ние сме единствена партија која има спектар на избор за соработка со албанските партии, така што очекувам дека ќе најдеме сили првпат да направиме предизборна коалиција со партии од албанскиот блок. Коалицијата ќе биде задржана и малку проширена, а тоа нема да биде подоцна од 9 март, кога е закажан конгресот на СДСМ. Тоа ни дава за право да бидеме фаворити на овие избори. Ги завршивме разговорите со досегашните коалициски партнери, а веќе разговараме и со нови. Ќе продолжиме до крајот на следната недела, кога ќе го објавиме заокружувањето на процесот на коалициското договарање, а имаме околу 27 политички субјекти. Лично сум задоволен од преговорите, затоа што зборуваме за вредности, за програми, за давање збор, нешто што мора да нè спои, како и за преземање одговорност и во парламентарната и во извршната власт“,

нагласува Заев.

Лидерот на СДСМ најавува уште една новина за претстојните избори, односно поделба пола-пола во однос на родовата застапеност на кандидатските листи за пратеници. Тој информира и дека завршило предлагањето на можни кандидати во месните одбори и општинските организации на партијата.

„ Извршните одбори ги прават конкретните одлуки согласно критериумите, за потоа да поминат во следната фаза, кога имињата на сите кандидати ќе бидат доставени до Централниот одбор. Таму ќе ги пречека сериозна комисија за селекција составена од меѓународни и домашни експерти, а на крајот преку анкети ќе ги слушнеме граѓаните за тоа кој е оној што најдобро би ги претставувал. Морам да споменам дека имаме нов квалитет. Овој пат ќе имаме машко-женски листи како еден нов модел, односно 50 отсто мажи и 50 отсто жени. Ова е сериозен и храбар чекор што го правиме и е вреден затоа што ќе го вклучиме недоволно искористениот женски потенцијал во државата“,

истакнува Заев.

Во врска со најавите од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за преземање на досегашни коалициски партнери на власта, Заев рече дека оваа партија треба да се реформира во однос на градењето на политики, ставови и стратегии, зашто во спротивно уште долго ќе остане во опозиција.

 

 

loading...

 

Македонија

Свет