Макрадули од градинката „Кочо Рацин“: Во оваа градинка не само што не мириса на нафта, туку е потопло и почисто

Објавено на 05.02.2020 во 19:58:54 часот | Македонија

Заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ и финансискиот директор на АД МЕПСО, денеска ја посетија детската градинка „Кочо Рацин” објект Панорама – Водно.
 
Градинката почна да користи нов, еколошки систем на греење и ладење, преку користење на триесет и три високоефикасни инвертер клима уреди. За нивна набавка и инсталација АД МЕПСО донираше 30.000 евра.
 
Оваа градинка е дел од Планот за чист воздух, за која АД МЕПСО, во рамки на своите ингеренции донесе Одлука за поддршка на истиот и издвои средства со кои ќе биде заменето затоплувањето од нееколошко односно на нафта, во еколошко, односно на електрична енергија.
 
Макрадули истакна дека од овој момент не постои јавен објект-градинка што веќе загадува во Општина Центар односно дека со реализирањето на оваа активност ќе се заокружат сите јавни објекти, кои користат нееколошки извор на затоплување во општината и со тоа нема да постои детска градинка и основно училиште која ќе го загадува воздухот. Тој додаде дека до 2024 нема да има јавна институција која ќе загадува.
 
– Во оваа градинка не само што не мириса на нафта, туку е и потопло, почисто. И она што е најзначајно заштедата ќе биде околу 40-45 проценти. Десет тони потрошувачка, зависно од зимата, би чинело осум илјади евра. Но, сега за 40 до 45 проценти ќе биде помал трошокот и околу 700 килограми помалку ПМ2,5 и ПМ10 честички во воздухот, рече Макрадули.

 

 

loading...

 

Македонија

Свет