СОБРАНИЕТО ГО ИЗГЛАСА ЗАКОНОТ СО КОЈ СЕ ЗАБРАНУВА УВОЗ НА ОТПАД КОЈ МОЖЕ ДА СЕ СОГОРУВА И ДА СЕ КОРИСТИ КАКО ЕНЕРГИЈА

Објавено на 05.02.2020 во 19:15:13 часот | Македонија

Во земјава се забранува увоз на отпад кој се користи како извор на енергија. Собранието на денешната седница ги усвои измените на Законот за управување со отпад, предложени од пратеничките на ДОМ Маја Морачанин и Лилјана Поповска. Законот е усвоен со 62 гласа „за“ од 102 присутни пратеници. 

И со новиот Закон, понатаму останува забрането увоз на отпад за складирање заради отстранување и за отстранување и увоз на опасен отпад што е измешан со неопасен отпад или со други компоненти кои ја намалуваат штетноста и опасните карактеристики на отпадот.

И понатаму останува дозволен увоз на отпад што може безбедно да се преработи, без опасност од загрозување на животната средина, животот и здравјето на луѓето, како и да се користи како суровина.

„Со предложените законски решенија во Предлог на законот за изменување на Законот за управување со отпадот ќе се постигне поголема заштита на животната средина и пред сè на здравјето на луѓето и ќе се укине можноста за увоз на отпад кој со одредбата во постојниот закон се користи како извор на енергија“, се вели во образложението на пратеничките Морачанин и Поповска.

Пред донесувањето на Законот, денеска во Скопје имаше получасовна блокада на влезот на цементарницата „Титан-УСЈЕ“ која се одржа во организација на Движењето за чист воздух. Блокадата беше во знакот на барањето на забрана за увоз и согорување на отпад.

Изминатата година печките на цементарницата согореле 4.400 тони узвезен отпад како алернативно гориво, што е 4 проценти од вкупната количина за потребите на печките. На протестот, директорот на цементарница Борис Хрисафов рече дека компанијата ги почитува сите прописи и стандарди, има филтри, а има и А интегрирана дозвола, на чиешто добивање потрошила 70 милиони евра.

„Нема 24-часовен мониторинг ниту се мерат концентрацииите на сите штетни материи што се испуштаат во воздухот. Владата во својот План за чист воздух воопшто не го тангира проблемот со индустриското загадување, во земјава има 150 инсталации со А интегрирани дозволи и преку 400 со Б дозволи кои недоволно се контролираат, ние бараме да се применат европските начини на мониторирање и бараме тоа да се прави транспарентно“, рече Тони Никушевски, од Движењето за чист воздух.

 

 

loading...

 

Македонија

Свет