ВЕТЕРОТ СО ЈАЧИНА ОД 70 КИЛОМЕТРИ НА ЧАС ИСКРШИ ДРВЈА И УРНА БИЛБОРДИ НИЗ СКОПЈЕ

Објавено на 04.02.2020 во 22:28:37 часот | Македонија

ВЕТЕРОТ СО ЈАЧИНА ОД 70 КИЛОМЕТРИ НА ЧАС ИСКРШИ ДРВЈА И УРНА БИЛБОРДИ НИЗ СКОПЈЕ

Урнат билборд кај Порта Влае (Фото: Ѓ. Личовски)

Силниот ветер кој вечерва дуваше во Скопје искрши дрвја на повеќе локации низ градот, а урнати се и неколку билборди. Граѓани до нашата редакција испратија фотографии од искршени дрвја долж булеварот Партизански одреди, во населбата Карпош 4, во близина на ТЦ „Сити мол“. Билборд е урнат кај  комплексот згради „Порта Влае“.

Паднато дрво на булеварот Партизански одреди. (Фото: аматерска фотографија)

Од ЈП „Паркови и зеленило“ велат дека досега имаат само два повици за скршени дрвја, но очекуваат тој број да се зголеми. Од таму додаваат дека Градскиот кризен штаб е на терен и се интервенира на сите локации.

„Вечерва низ Скопје се очекува засилен ветер, дожд, а во раните утрински часови можна е појава и на снег. Ги повикуваме граѓаните да се воздржат од непотребни излегувања од домовите, да избегнуваат прошетки под дрвореди и да не ги паркираат своите возила под крошните на дрвјата. Екипи се на терен кои работат на расчистување на гранките и дрвјата“, соопштија од Град Скоје.

Од Управата за хидрометеоролошки работи велат дека ветерот вечерва според првичните информации бил со јачина од 70 километри на час.

Од силниот ветер одредени делови на Скопје останаа и без струја.

Силниот ветер вечерва остави без струја повеќе скопски населби. На места струја немаше кратко време околу 10 минути, а делови сѐ уште се без електрична енергија. Од компанијата ЕВН велат дека екипи се на терен и на сите пристапни места се интервенира и кориснициите во текот на ноќта ќе добијат струја.

„На среден напон состојбата е стабилна, на низок напон има одредени прекини. Во делови имало испади на трафостаниците, но таму напојувањето е вратено за помалку од 10 минути, како што е во населбите Влае, Хром, делови од Сопиште. Онаму каде имаме скинати жици и кабли нормално е дека е потребно повеќе време за интервенција“, велат од ЕВН.

Екипите работат на расчистувае; – Паднато дрво во скопски Карпош (Фото: Општина Карпош)

Од Управата за хидрометеоролошки работи соопштија дека во вечерните и ноќните часови ќе има врнежи од дожд, повремено поинтензивни. Во втората половина од ноќта врнежите во делови од Скопската Котлина ќе преминуваат во снег.

 

 

loading...

 

Македонија

Свет