ЛИЛЕ СТЕФАНОВА ГО СОГОЛЕ ДО ГОЛА КОЖА МАКЕДОНСКОТО СУДСТВО: Јанева ургирала да не се замрзне стан на „пријателката“ Сашо Василевски

Објавено на 27.01.2020 во 16:10:14 часот | Македонија

Освен за истрагата за случајот „Империја“, обвинителката Лиле Стефанова во своето денешно сведочење за случајот „Рекет“, го спомна и случајот „Поштенска банка“. Таа откри дека Катица Јанева ургирала еден стан од имотот на бизнисменот Томе Главчев да не се замрзне, бидејќи наводно го купила нејзина пријателка.

 

-Кога го проверував имотот, дали има некакви промени, утврдив дека станот е на име на Сашо Василевски, односно дека пријателката на Јанева е всушност Василевски, рече Стефанова.

За овој стан пред неколку месеци пишуваше и неделникот „Фокус“.

По неполн месец од отворањето на истрагата за „Поштенска Банка“, на 2 ноември 2018 година, по барање на СЈО, Кривичниот суд го замрзнува имотот на Димитровски и Главчев, освен еден стан.

Со мерката е обезбеден недвижен имот сопственост на правните лица Европа 92 ДООЕЛ Кочани и НОЕЛ експорт-импорт ДООЕЛ Гевгелија и имот на име на нивните сопственици, осомничените лица во истрагата, Ратко Димитровски и Томе Главчев. Воедно, обезбеден е и имот од други правни лица кај кои имаме сомневање дека се прелеала противправна имотна корист – ТУРИСТКО ДООЕЛ Кочани, БЕНТТОН ДООЕЛ експорт-импорт Гевгелија, НОЕЛ КОМПАНИ ДОО Гевгелија и НОЕЛ ПЛУС ДООЕЛ с.Стојаково-Богданци.

Со мерките на Судот се забранува отуѓување и располагање, а дејствијата се превземени со оглед на тоа што постои oпасност истиот имот да биде отуѓен до правосилно завршување на постапката, информираа тогаш од СЈО.

Иако самото обвинителство алармираше дека имотот е замрзнат за случајно да не се продаде, сепак, еден од становите во сопственост на осомничениот Главчев, односно на неговата компанија „Бенттон“, наводно со амин на обвинителката Јанева, останува нечепнат, односно не се бара негово замрзнување.

Овој стан на 31 октомври 2018 година добива нов сопственик, и тоа не било кој туку го купува актуелниот директор на МЕПСО, Сашо Василевски, за кого велат дека во тој период бил пријател со Јанева.

Според имотниот лист кој го поседува „Фокус“, станот кој веќе бил ставен под хипотека е во Скопје, со големина од 109 метри квадратни.

Василевски новиот стан го пријавил во анкетниот лист, но освен што посочил дека го купил за 80.000 евра, не навел каде се наоѓа станот и кога бил склучен купопродажниот договор.

Утре на рочиштето за „Рекет“ треба да сведочи обвинителот Бурим Рустеми, кој ја водеше истрагата за „Поштенска банка“.

Оваа истрага СЈО ја отвори на 13 октомври 2018 година, а осомничените се гонеа за перење пари и злоупотреба на службената положба и овластување од 2001 до 2010 година, при што наводно ќариле околу 5 милиони евра. Во случајот осомничен е и екс градоначалникот Ратко Димитровски.

 

 

loading...

 

Македонија

Свет