ДАНКЕ ДОЈЧЕ, ДАНКЕ ФРАУ МЕРКЕЛ - Германија: За Македонија безусловна – за Албанија условена препорака

Објавено на 26.09.2019 во 12:26:36 часот | Македонија

Германскиот Бундестаг утревечер ќе гласа за предлогот да се одобри почеток на преговори со ЕУ за Северна Македонија и Албанија. За Скопје нема никакви забелешки, но Тирана ќе се соочи со дополнителни услови, пишува Дојче веле.

Дека Северна Македонија ќе добие потврда од Бундестагот е сигурно уште од надминувањето на спорот за името, пишува Франкфуртер алгемајне цајтунг, прогнозирајќи притоа дека на гласањето в четврток, Скопје ќе добие „целосно зелено“, а Тирана „темно зелено“ светло.

Со други зборови, повикувајќи се на работниот документ кој го изготвиле владејачките германски партии ЦДУ и СПД, ФАЦ наведува дека за С. Македонија ќе биде одобрен почеток на преговорите без дополнителни услови, додека Албанија ќе мора да исполни серија барања.

„Делот за Северна Македонија (од заедничкиот став на СПД и ЦДУ, н.з.) е значително покус и појасен. Фракциите ги поздравуваат „значителните достигнувања“ на земјата, која и натаму се менува во една инклузивна и отворена политичка атмосфера. Пофалби има и за подобрувањето во културата на компромис во Скопје. Далеку пообемен и покритичен е нацрт-извештајот за Албанија“, пишува ФАЦ.

Во однос на Албанија, Бундестагот ќе прифати отворање на преговорите со Албанија само со предуслови.

„Преговорите со Тирана ќе може да започнат само откако земјата ќе исполни цела дузина конкретни и општи предуслови. Најпрво ќе мора да се обезбеди непречено функционирање на Уставниот и Врховниот суд. (…) Притоа ќе мора да се завршат кривичните постапки против сите судии и обвинители кои беа предмет на ветинг. Дополнително, ќе треба да биде извршена реформа на изборното право и да биде донесен закон за транспарентност на партиското финансирање“, пишува ФАЦ.

Конечно, последниот услов на Бундестагот ќе биде уште на почетокот на преговорите да се отворат Поглавјата 23 (Правосудство и основни права) и 24 (Правда, слобода и безбедност) и истите да останат отворени до крајот на преговорите. Тоа и не е нешто ново, заклучува ФАЦ, затоа што веќе неколку години е официјална линија и на ЕУ.

Франција предлага „привилегирано партнерство“?!

Сепак, што се однесува до надежите на двете земји, зборот на Бундестагот не е и последен. Прашање е како ќе се надмине спротивставувањето на Франција и Холандија во однос на Албанија?

„Францускиот претседател Емануел Макрон во повеќе наврати јасно посочи дека ЕУ најпрво мора внатрешно да се реформира, пред да биде повторно во состојба да прима нови членки.

Француските дипломати во Берлин, од тој аспект, изразуваат сомнеж, дали во дебатата за проширувањето е можен само еден ’бинарен систем’, односно дали не може да се најде и нешто трето меѓу полноправното членство и исклученоста.
Слична таква дебата имаше и пред повеќе години во однос на Турција на која и беше нудено ткн. ’привилегирано партнерство’. (…) Заживувањето на ваквите дебати и во однос на Западниот Балкан не се исклучува“, пишува ФАЦ

 

 

loading...

 

Македонија

Свет