ЗАВРШИ ПЉАЧКАТА, ВРЕМЕ Е ЗА БЕГАЊЕ: Камчев тивко се повлекува од македонскиот бизнис

Објавено на 25.09.2019 во 11:48:47 часот | Македонија

 
Бизнисменот Орце Камчев во изминативе месеци тивко и полека ги напушта бизнисите во земјава. Се повлече од управувањето и стана малцински сопственик на Систина, а претходно се повлече од директорското место во Орка Холдинг.
 
Осомничениот бизнисмен во предметот „Империја“ и еден од клучните сведоци во „Рекет“, Орце Камчев, во изминативе месеци тивко и полека ги напушта бизнисите во земјава. Според податоците од Централниот регистар, Камчев во мај годинава се повлекол од раководната функција во приватната здравствена установа „Аџибадем Систина“. На 17 мај тој го известил Централниот регистар дека ја напушта директорската позиција и дека на негово место доаѓа Ѓун Ѓунсој од турските партнери во Истанбул, пишува Радио Слободна Европа.
 
Само три недели претходно во Централниот регистар биле заведени и измени во сопственичката структура, односно фирмата Орка Холдинг, која се јавува како еден од сопствениците на болницата, станува малцински партнер. За споредба, во 2016 година Орка Холдинг како сопственик на болницата оставила паричен влог од 13 милиони евра, додека турската Аџибадем како основач влегла со 6,5 милиони евра. Во април 2019 година била извршена промена, со што доминантен партнер станува Аџибадем со паричен влог од 7 милиони евра, додека Орка Холдинг како втор партнер во основачкиот влог учествува со 6 милиони евра.
 
Претходно, во медиумите беше објавено дека осомничениот бизнисмен Камчев се повлекол од раководните позиции и во Орка Холдинг. Тој се повлекол од директорското место и од позицијата извршен член во Одборот на директори, а останува единствено неизвршен член на Одборот со неговата сестра Кристина Камчева Стојческа.
 
Во меѓувреме, името на Камчев го нема ни во управувачкиот одбор на ЗК Пелагонија. Според податоците од Централниот регистар, во акционерското друштво Земјоделски комбинат Пелагонија, чија основа вредност изнесува 14 милиони евра, како неизвршни членови на одборот на директори се осомничените во Империја Цветан Панделески, Зорица Арсоска и Лилјана Гајдоска, како и останатите членови Весна Белешовска Бунтеска и Томислав Давков, кој е заведен како директор. Инаку, Орка Холдинг и ЗК Пелагонија беа опфатени во истрагата на СЈО „Империја“.
 
Во август годинава на македонската берза се појави информација дека се продава и гасната централа во Логоварди, која е во сопственост на ЗК Пелагонија со почетна цена од 6,7 милиони евра. Станува збор за централа која произведува електрична енергија од биогас кој се добива од третман на изметот на кравите кои се сопственост на агрокомбинатот. Оваа централа има инсталиран капацитет од 3 мегаватчаса струја со загарантирана цена од 180 евра за секој продаден мегават час, пишуваа дел од медиумите.

повеќе

 

 

loading...

 

Македонија

Свет