СЕ ГЛЕДА СВЕТЛО НА КРАЈОТ ОД ТУНЕЛОТ - Дураку: 938 административци една деценија седат дома и земаат плата, но наскоро сите ќе одат на работа

Објавено на 05.09.2019 во 13:45:13 часот | Македонија

938 државни административци вработени според Рамковниот договор и натаму ќе седат дома, а ќе добиваат плата. Вицепремиерот Садула Дураку, во емисијата „10 минути“ на ТВ21 изјави дека Владата ја подготвила втората фаза за селекција на административците, но без точен рок кога ќе дознаат на кое работно место ќе бидат распределени. Овие административци веќе една деценија седат дома, а примаат плата. Немаат ниту еден ден поминато на работно место.

„Сегашната влада имаше одлука за распределба на 938 административци во институции и од нив за 519 почна постапката и тоа во сите ресори кои се на ниво на Владата, каде имаме одговор и правиме селекција во прва фаза. Верувам дека првата фаза ќе помине без никаков проблем и потоа ќе преминеме на втората фаза, при што со владина одлука треба да се направи распределба на 938 административци“, вели Дураку.

Според вицепремиерот Дураку со ребалансот на буџетот кој е во тек, целта е неискористените пари да се пренаменат за капитални инвестиции. Во врска со отворањето на граничниот премин Лојане – Миратовац, Дураку рече дека се игра пинг-понг со жителите на овој регион, но дека сѐ уште постои надеж.

„Да бидам искрен, граничниот премин Лојане – Миратовац, е стар проблем. Со жителите на тие места во минатото се играше пинг-понг, а сега тоа не постои. Од РСМ имаше и ќе има волја. Но, освен волја имаме и одлука за отворање на граничниот премин. За жал, кај Република Србија, нашата соседна држава нема волја. Апелирам до Србија да преземе нешто. Но има позитивно движење за овој граничен премин, со оглед на помошта од норвешката амбасада и се надеваме дека тоа ќе стане реалност“, рече Дураку.

Дураку вети дека ќе биде министер на сите граѓани и најави дека ќе ги посети и општините на опозициските партии.

 

 

loading...

 

Македонија

Свет