Ременски: Со индигнација ги отфрлам сите поврзувања со аферата РЕКЕТ

Објавено на 04.09.2019 во 21:48:50 часот | Македонија

Пратеничката Фросина Ременски денеска повеќе од два часа даваше исказ во Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција за, како што рече, се што е поврзано со случајот Рекет, со Меѓународниот сојуз и се што е во интерес на истрагата.

– Се што имав да кажам и на сите прашања кои што имаше интерес Јавното обвинителство да добие одговор ги дадов. Како што кажав и на почетокот, на моменти кога од страна на опозицијата се споменуваше моето име во контекст на Меѓународниот сојуз, кажав дека немам ништо против Јавното обвинителство да го истражи секој момент повзан со моето повикување во контекстот на Меѓународниот сојуз како невладина, изјави Ременски.

Прашана за нејзините релации со СЈО Катица Јанева и дали се сретнала со Зоки Кичеец или Орце Камчев, Ременски категорично одговори не.

– Со индигнација ги отфрлам сите поврзувања кои, што вие ги правите како новинар во ова прашање. Најодговорно ги демантирам сите овие прашања. Се познаваме колку што и вие се познавате, од телевизија, изјави Ременски.

Посочи дека во интерес на јавноста и новинарите денеска може да одговори на многу прашања, меѓутоа деталите на сите прашања ги дала пред јавниот обвинител.

– Се што беше интерес на Јавното обвинителство во однос на мојата улога во контекст на Меѓународниот сојуз е дадено како исказ пред јавниот обвинител и јас сето она што навлегува веќе во детали на тие прашања не би можела денеска да го споделам со вас, изјави Ременски.

Прашана дали присуствувала на средбата со Бојан Јовановски за трансакцијата на Силјан Мицковски од 720 илјади евра, Ременски рече дека нема никакво лично присуство.

– Сите прашања поврзани со Меѓународниот сојуз, облигационите односи што ги има Меѓународниот сојуз со лица и фирми, значи лично присустви немам никакво. Во контекст на она што беше побарано од ЈО да го дадам како одговор на одредени прашања, кои можеби одат и повеќе од ова ваше прашање, јас нема да можам да дадам одговор бидејќи е во контекст на тајноста, изјави Ременски.

Посочи дека тука се зборува за конкретен кривичен правен настан и не се зборува за лични релации, и дека не може да зборува за никакви други лични релации кои не се контекст на кривично правниот настан што го истражува ЈО.

Прашана дали го посетила Бојан Јовановски додека е во притвор, Ременски рече дека ниту побарала, ниту го посетила.

Во однос на почесното претседателство во Меѓународниот сојуз, Ременски рече дека во ниту еден момент не подразбира формално правна обврска за било какво учество и одлучување во органи.

– Квалификациите што правел Меѓународниот сојуз ќе ги оставам да ги утврди ЈО. Ниту јас, ниту вие како новинари не треба да даваме квалификации. По прашњето за грижата на совест, тоа е индивидуална категорија на секој поединец и сите ние имаме и одговорност, меѓутоа и сите ние имаме и ситуации во животот кога и другаруваме или сме во роднинска врска со луѓе кои можеби сториле или не сториле нешто, а сме биле во некаква комуникација. Тоа не значи дека тоа повлекува и некаква грижа на совест особено ако не се однесува за дејствија поврзани меѓу нас, истакна Ременски.

Пратеничката Ременски се воздржа да одговори на прашањето, дали била злоупотребена улогата на пратеник и потпретседател на Собранието.

– Ќе се воздржам од тие коментари и тие прашања и не сакам да ставам во контекст никого. Ниту јас, ниту било кој спомнат или кои имаме фотографии со Бојан Јовановски може да биде прашање на интерес на надлежни институции, меѓутоа не може и не смее да биде прашање на првична осуда или првичен заклучок, изјави Ременски.

Прашана дали како пратеник донела одлука како ќе гласа за разрешувањето на Јанева, Ременски рече дека како партија и како пратеници немаат дилема дека за започнатите постапки, кои се однесуваат на Јанева ќе гласаат согласно законската обврска и да донесат правилна одлука.

– Во контекст на нашето појавување во ЈО можам да кажам дека ниту еден граѓанин којшто извршува одредена општествена или државна функција, не треба да ги избегнува државните институции кои имаат интерес да дојдат до одредени сознанија, кои може да им помогнат во нивното одлучување. Во контекст на тоа и не гледам причина зошто политичар не би бил повикан да даде било каква информација во Јавно обвинителство поврзан со одредени настан. Можеби и тука е разликата помеѓу оние кои што транспарентно ги водат постапките и сите кои избегнуваат да соработуваат со институциите. Ние сме тука, не бегаме. Очекувам Собранието во најскор можен рок да го донесе Законоот за јавното обвинителство, бидејќи таму се решава статусот не само на ЈО, туку и на други одделенија, рече Ременски.

 

 

loading...

 

Македонија

Свет