ГАЛЕРИЈА - СДСМ ДЕЛИ ПРАКТИЧНА ЛЕКЦИЈА НА ТЕМА ПАТРИОТИЗАМ ВО ПРАКСА: „Киро Глигоров“ ќе биде и прво училиште со дневен центар за деца со церебрална парализа

Објавено на 04.09.2019 во 16:20:30 часот | Македонија

Новоизграденото општинско основно училиште „Киро Глигоров“ во населбата Капиштец во Општина Центар денеска и официјално е пуштено во употреба, со свеченост  и пригодна програма во присуство на премиерот Зоран Заев, министри во Владата и општинското раководство. „Киро Глигоров“ е прво училиште во Општина Центар отворено по половина век.

На свеченоста присуствуваше и дел од дипломатскиот кор, како и српскиот министер за образование, наука и технолошки развој Младен Шарчевиќ.

Премиерот Зоран Заев, обраќајќи се на свеченото отворање рече дека вложувањето во знаењето, во образованието, е најблагородната задача што едно модерно општество ја остварува.

– Тоа е вложување во најскапоцениот потенцијал на општеството, неговиот народ, неговите граѓани. Во тоа име, и во име на Владата, уште еднаш ви посакувам безгрижни училишни денови на сите ученици и успешна работа на сите вработени во ова училиште, истакна Заев.

Потсети дека училиштето е изградено според светски и европски стандарди и ќе биде модел врз кој ќе се градат новите и ќе се реконструираат постоечките училишни објекти.

Министерот Адеми на обраќањето рече дека овој пример на Општина Центар треба да се следи и од другите локални самоуправи.

– Вака ќе бидеме и како централна власт, но и како локална власт во иста насока за постигнување на заедничката цел, а тоа е квалитетен национален образовен систем, поквалитетно образование, подобри образовни инфракструктурни услови за сите и постигнување на што повеќе поголеми и попозитивни резултати, рече министерот Адеми.

Градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ посочи дека училиштето „Киро Глигоров“ е пример како правилно се вложуваат парите на граѓаните. – Со изградбата на ова училиште поставивме нови стандарди од кои во иднина нема да отстапиме, рече тој.

„Киро Глигоров“ ќе биде и прво училиште со дневен центар за деца со церебрална парализа.

– Посебно сум горд на фактот што 360 метри квадратни од објектот се наменети за Центарот за деца со церебрална парализа, што досега се наоѓаше во стари бараки. За таа намена, изградивме и комплетно уредивме простор според нивните потреби, но и целиот училиштен објект го адаптиравме на потребите на овие деца, рече Богдановиќ на отворањето на училиштето.

Исткна дека со ова училиште се решава повеќедеценискиот проблем на жителите од Капиштец, кои повеќе нема да ги носат своите деца во училишта во другите населби и каде брзо и безбедно ќе можат да доаѓаат и да заминуваат.

Богдановиќ оцени дека ова е најмодерно училиште и во регионот каде што децата ќе учат користејќи ги најсовремените технологии и помагала. Посочи и дека по 12 години повторно е дадена можност за изучување на јазиците и културата на помалите етнички заедници.

– Веќе од трето одделение, со одлуката на Министерството за образование, нашите ученици ќе можат да го изберат јазикот и културата на својот етникум. Со тоа српската, турската, бошњачката, влашката, ромската, но и другите етнички заедници, полека но сигурно ќе ги остваруваат своите права. Така го засилуваме заедништвото и нашето општество во целина, подвлече Богдановиќ.

Името на училиштето  Киро Глигоров, според првиот претседател на државава, е избор на граѓаните преку анкета, по што согласност даде и Советот на општината.

Училиштето почна да се гради во 2016 година, а целокупната изведба на проектот е во вредност од 5,5 милиони евра.

Училиштето „Киро Глигоров“ е со модерен дизајн и архитектура, изградено според највисоки стандарди за објекти во кои престојуваат и се образуваат деца. Ќе биде инклузивно училиште, во чиј состав ќе функционира и посебен Дневен центар за деца со церебрална парализа. Училишната зграда се протега на површина од 12.100 квадратни метри и има дворна површина од 4.100 квадратни метри. Влезот за ученици е од споредната и помалку прометна улица „Адам Мицкиевиќ“, а влез за возила од улицата „Васил Ѓоргов“.

Училиштето се состои од приземје, два ката и подземен паркинг со капацитет од 104 возила. Во дворот на училиштето се наоѓаат спортски терени за фудбал и одбојка, урбана опрема – клупи и високо-стоечки лампи за ноќно читање, 26 паркинг-места и простор за партерно и хортикултурно уредување, а целата дворна површина, вклучувајќи ги и игралиштата се осветлени со лед-енергетско ефикасно осветлување.

Во состав на училиштето има 21 училница со акустика на простор, седум специјализирани кабинети за предметна настава, спортска сала и гимнастичка сала, ботаничка градина, трпезарија со кујна, наставнички кабинет и канцеларии за персонал, како и инклузивна просторија – Дневен центар за деца со церебрална парализа.

Од Општина Центар информираат дека сите материјали што се вградени во училиштето се од сертифицирани компании од САД, ЕУ и домашните компании. Внимавале и воделе грижа за квалитетот на воздухот во училиштето и затоа се поставени рекуператори за прочистување на воздухот. Училиштето е поврзано на централното градско затоплување со греење на целиот објект без радијатори, вградени се антибактериски и антиалергени подови, лед-енергетско ефикасно осветлување, посебни тоалети во секоја училница во ниските одделенија, посебни тоалетии посебен лифт за децата со церебрална парализа, противпожарен аларм во секоја просторија, мрежа за безжичен интернет од сите оператори итн.

Спортската сала е по ФИБА стандарди, трпезаријата е по ХАСАП стандарди, а посебниот Дневен центар за деца со церебрална парализа е според стандардите и потребите на корисниците.

 

 

loading...

 

Македонија

Свет