(ВИДЕО) Османи: Обвинувањата против Хисен Џемаили се дел од пропагандата против ОНА

Објавено на 01.09.2019 во 12:47:59 часот | Македонија

Јас сум оптимист дека ќе се најде компромис за Законот за Јавно обвинителство и ќе се донесе со консензус помеѓу сите политички партии. Мислам дека разликите меѓу главните политички партии од македонскиот блок не се ненадминливи, вели вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Османи, неодамна изјавивте дека случајот Рекет го става на тест институционалниот капацитет на земјава. Го става ли случајот на тест и датумот за преговори со ЕУ во октомври?

Мислам дека е баш лакмус-тест пред големата октомвриска одлука на Советот на ЕУ, за да се испита, на некој начин, дали институциите созреаја со реформите што ги правевме во целиот овој период. Така што, мојот став е дека оваа кризна ситуација може да ја претвориме во можност, доколку институциите одговорат сериозно и на ефикасен, транспарентен и непристрасен начин го расветлат целиот случај до крај, независно какви политички импликации може да има. Значи, ќе го повторам ставот дека криминалци и криминал има секаде. Разликата меѓу државите е во тоа дали имате институции коишто знаат да се справат на непристрасен случај.

Услов е и Законот за Јавно обвинителство, кој не е поддржан од ВМРО-ДПМНЕ. Дали планот Б ќе биде лош преседан и има опасност од правна несигурност, како што тврди опозицијата?

Јас мислам дека разликите меѓу главните политички партии од македонскиот блок не се ненадминливи, само е потребна сериозна политичка волја и седнување на маса со цел да се надминат тие разлики. Сè што е во рамки на црвените линии коишто и ЕУ ги поставува, меѓутоа и ние како влада, а тоа е дека треба да има институција која се справува со криминал на високо ниво и дека сите случаи, дали од прислушувањата, дали надвор од прислушувањата, за коишто има индиции, треба да се расветлат во една судска процедура. Сè во рамки на овие граници мислам дека има простор за компромис и јас сум оптимист дека ќе се најде компромис за Законот за Јавно обвинителство и ќе се донесе со консензус помеѓу сите политички партии.

Зошто сметате дека Хисен Џемаили, кој беше обвинет во случајот Мавровски работници од 2001 година, е добар избор за министер?

Прво, господинот Џемаили не е осуден за настаните коишто вие ги споменувате. Тоа беше главно дел од поранешната пропаганда против ОНА и нашите информации се дека воопшто не бил вмешан во настаните за коишто се споменува. Формално-правно тој нема пречка за извршување јавна функција. Тој беше претседател на Советот на Општина Тетово, беше пратеник во Собранието.

Но, тогаш му беше одземен имунитетот за овој случај.

Да, но знаете дека процесот формално беше завршен со автентичното толкување на Законот за амнестија од 2001 година. Значи, ви кажувам дека формално-правно нема пречка, меѓутоа еве и неформално можам да ги споделам и информациите коишто ги имам дека господинот Џемаили воопшто не бил дел од настаните за коишто се споменува. Но, во однос на компетентноста, во однос на образованието и искуството, апсолутно сметам дека е вистински човек на вистинско место.

Советникот од ДУИ во Општина Охрид, Нефи Усеини, изгради дивоградба во Охрид, па физички нападна универзитетски професор. Дали за вас како партија е прифатливо ваквото однесување на еден ваш член?

Не, апсолутно е неприфатливо и затоа институциите треба да ги преземаат сите мерки. Тоа што ние тогаш го коментиравме и што сметаме дека би било правилниот пристап е да има неселективен пристап кон случаите од слично значење. На пример, ако во Охрид има над 1400 дивоградби, правење на кампања која ќе се фокусира на еден човек, обидувајќи се неговите приватни бизниси да се поврзуваат со неговата политичка афилијација, вклучувањето на ДУИ во контекст на сето ова ми изгледа нечесно. Сметам дека треба неселективен пристап кон ова прашање коешто е апсолутно штетно и го ризикува статусот на Охрид, меѓутоа не треба никаков друг партиски, политички или етнички наратив да се додаде на ваквите дејствија за од тоа да се направи политичка приказна. Тоа е тоа што пречи.

 

 

loading...

 

Македонија

Свет