ГДУ Штип: Дали Општина Штип е жртва на корупцијата и тендерската мафија?

Објавено на 02.06.2019 во 13:02:53 часот | Македонија

 

Бочварски до ГДУ: Едниот кружен тек е целосно нов, затоа чини тројно повеќе

Додека јас како градоначалник сум овде заедно со работниците кои денеска работат на терен и ја подобруваат инфраструктурата, не би сакал да верувам дека одредени политички структури работат на замајување на јавноста и пласирање на полувистини и невистини во јавноста со цел да бидат изманипулирани граѓаните, одговори штипскиот градоначалник Благој Бочварски на прашањето од ГДУ, дали новиот кружен тек навистина чини 150.000 евра со анекс договор од 30.000 евра, додека оној од Дујле изнесувал 50.000 евра?

– Едниот кружен тек е изграден за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ кај месноста Дујле и таму имаше само поставување на еден слој асфалт, без притоа да се заменуваат околните ивичници и без притоа да се градат пристапни улици кон тој кружен тек. Од друга страна, овој кружен тек пред влезот на градот, на булеварот „Гоце Делчев“, е кружен тек којшто е изграден целосно нов, со тампонирање нов слој, со поставени два слоја асфалт, со изградба на тротоари и со цела една нова пристапна улица од кружниот тек до фабриката „Баргала“, којашто е некаде околу 250 метри долга и којашто вклучува и пет пристапи кон тамошните компании. Заради тоа, сето ова изнесува околу 146 илјади евра, но на аукцијата, согласно Законот за јавни набавки, којашто е јавна и на која може да ѝ пристапат сите граѓани, може да се пристапи и да се види дека најниската понуда била 190.000 евра, а највисоката била 420.000 евра – објаснува Бочварски.

После електронската аукција, додава штипскиот градоначалник, цената паднала на 146.000 евра, што значи, вели Бочварски „на овој зафат сме работеле со навистина ниски цени, но, потенцирам – не се работи само за кружен тек, туку и за целосно нова улица со тампонирање, со два слоја асфалт, со ивичници, со тротоари и по сите стандарди. Токму затоа се гледа каков е квалитетот на изработката на оваа улица“.

– На кружниот тек на Дујле станува збор за поставување на само еден слој асфалт, без притоа да се опфати ниту еден дел од околината на тој кружен тек, а овде работиме и за тампонирање и за асфалтирање на два слоја, за изградба на нови тротоари. Така што, навистина се работи за манипулација со граѓаните преку извртени факти – рече Бочварски.

 

 

* реклами:

loading...

 

Македонија

Свет