ЈОВАНОВИЌ: Со Зоран оваа земја има шанса, со Христијан нема никаква

Објавено на 17.09.2019 во 23:13:50 часот | Македонија

Еве ме повторно во оваа рубрика, летото изминува, а ние сешто дознавме откако не сме се виделе на оваа новинска страница; точно е, беше лето, одмор, плажа и сериозни книги, ама точно е и тоа дека ова е динамична земја, нема овде никогаш време за вистински одмор, „патиштата на спознанието си возат ли си возат“.

Што, имено, се случуваше ова лето? Па, за почеток, ништо важно, Северна Македонија се подготвуваше за влез во НАТО, а како што ни најавија од „највисоко место“, приемот ќе се одложи за наесен, кога – хоп!, ни се појави аферата „Рекет“, афера која прилично ја потресе нацијата, па се појавија некои „актери“ кои беа дел од таа кореографија: малку пљачка, малку мито, малку кока-кола-марлборо-сузуки-идеологија, за на крајот да се испостави дека идејата била да се скандализира, и ако се може, а не се знае точно како, да се урне владата на Заев. Така што, поради аферата, разни турбопатриоти ни ги наполнија главите цело лето дека „сите се исти“, и дека можеби не требаше Груевски, таа помпезна креатура да ја поразиме ѝ да го набркаме во орбановата Унгарија.

Па, чекај, море, Јовановиќ, не ќе да е така, тука имаше некои конкретни актери кои не се баш така неважни во политичкиот живот во земјата?, ќе речат фејсбук-коментарите. А, кои се, ќе ве молам, тие некои „важни актери“? Опскурниот Боки 13, некојси „Кичеец“, и на крајот „нашата Катица“? Истрагата засега, во целата медиумска калакурница, ги товари само овие тројца. Сакам да кажам дека идејата на „Рекет“ не беше да се открие некаков епски скандал со кој ќе бидат оштетени крајните корисници – а тоа се граѓаните на оваа земја – јок, море! Идејата беше да се случува (во низа) нешто театрално и ужасно гласно, без разлика дали е смислено, а камо ли дали сето тоа е корисно и добро за самите граѓани. Дури да беа во прашање и професионалци, а за брзо време се испостави дека се комплетни аматери – ваквите афери како „Рекет“ не се водат за време на летниот период кога населението е во некоја „зен-фаза“, туку вакви афери се водат кога вие планирате некому да му објавите војна или очекувате „тој некој“ вам да ви објави војна.

Но, дозволете да се вратиме во самото „срце на суштината“. Зоран Заев дојде на власт буквално „гради в гради“ со корумпираниот, популистички и националистички режим на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, а граѓаните на Македонија цела декада беа заробени внатре во својата територија, буквално киднапирани, осиромашени и престрашени.

Тоа што денес Зоран Заев го нуди и испорачува е решавање на проблеми (кои други му ги создадоа!); како на внатрешен, така и на надворешен план, што во нашиот случај е тесно поврзано. Го реши бескрајно глупавиот конфликт со Грција, ги релаксира односите со Албанците, потпиша договор за мир и добрососедство со Бугарија, го намали медиумското насилство, покачува плати, ги намалува социјалните разлики, ги почитува и афирмира човековите права итн. Од друга, лична страна, Зоран Заев мене ми изгледа за супер човек: нормален, мирен, прибран, разумен, не пелтечи, не мрмори, зборува фер, зборува коректно, слуша критика, не бега од ниедна тема, отворен е, транспарентен, а во сѐ друго е секогаш директен, и во „таа директност“ никогаш не е претенциозен и прост.

Ако можам со еден збор (или во една реченица) да го опишам Зоран, таа реченица би била следната: No bullshit men. Таквата персона по Груевски, на човека буквално му доаѓа како да се измил со ладна и чиста вода откако претходно некој цела деценија му врескал директно во суратот и му фрлал помија по телото. И кога ќе слушнам како некој мудросер ми вели, „што толку бе го браниш Заев, што толку сакаш од владата“? Ох, пријателчиња, ништо јас од владата не барам, јас само барам по Никола Груевски некој човек како Зоран Заев. Тоа е сѐ што јас барам.

На другата страна се наоѓа Христијан. Човек кој сѐ уште е длабоко растурен и психологизиран од логиките и наративите на претходниот монструозен режим. Христијан е тип од „висок напон“, предизвикува бурни реакции, малку кој е рамнодушен на него, многу луѓе за него мислат многу лошо, а не мал број на луѓе му мислат добро. Едноставно речено, од Христијан излегува едно необјасниво чувство на воодушевување со самиот себе и сопствената величина, облик на живот кој совршено влегува во образецот „еден-на-еден“. Ништо Христијан не го чеша од претходниот режим, ништо не проблематизира, на ништо не се сеќава. Ако го прашате дали му треба реформа во неговата партија, реформа со која подоцна ќе ја наследи државата (математички прецизно?), тој би ве погледнал со доза на апсолутно неразбирање, а потоа, онака златоуст, како што го дала мајка природа, ќе ве испрати некаде далеку, просторно и временски.

Една од работите што кај него ми е фасцинантна е фактот што се вика Христијан: да се викаш Христијан не е мало достигнување, тоа име не ѝ е дадено на секоја „шуша“, а особено не им е дадено на оние шуши кои никакво „христијанство“ не им приличи, од причини кои се очигледно и оправдани, онака исто како што на битанга не е и приличи никаков општествен статус. Ене, на пример оној Илија, тој ниту може, ниту некогаш ќе биде Христијан или кој било друг ќе биде како Христијан. Кога Христијан зборува, човек има впечаток како да зборува во некој Дом на лордови, верува пустиот дека таму му е местото, зборува во име на „татковината“ која не е Северна, па тоа од Христијан прави „достојна“ личност за „нашите работи“.

Во што е тајната на успехот на Христијан и неговиот поглед на светот? Во сеопштиот неуспех на неговата партија. Ако немаш никакво друго земно достигнување, ако си никој и ништо заради себе и своите заслуги, секогаш може да ти остане утешната награда да бидеш лидер на една упропастена и нереформирана партија, па со самото тоа што си, нели, опозиционен „лидер“, некои работи без заслуга ти припаѓаат.

Се согласувам со моите пријатели дека тоа е премногу глупав талисман за „пробивање низ животот“, ама до сега моравме да научиме дека премногу глупави работи нема да исчезнат сами од себе; ќе се најде некој што ќе ги приграби, ако само уште еднаш им дозволиме да дојдат на власт, а ќе дојдат сите тие „христијани“ на власт ако ние им дадеме, ако ние доволно долго молчиме заради нивната сеопшта глупавост и бесчувствителност за другите, за заедницата, за граѓаните.

А сега, денес, овде, тука и после се’, голем дел од медиумската сцена сака да го набрка Зоран за да дојде на власт кој? Па, нема да може, другарчиња, прво затоа што со Зоран оваа земја има шанса, а со Христијан нема апсолутно никаква. И ова не е некои мое лично, приватно гледиште, некое мое јуришање, лутење или несогласување, не, ова е елементарен човечки и јавен интерес на целата земја и нејзината иднина.

Да се разбереме, не барам јас од оваа власт ништо за себе, единствено што барам после Никола Груевски некој човек како Зоран Заев.

Ненад Јовановиќ, Слободен Печат

 

 

* реклами:

loading...

Македонија

Свет