ШЕФОТ НА СТОПАНСКА КОМОРА: Потребно ни е целосно редефинирање, а не само реформирање на правосудниот систем!

Објавено на 22.08.2019 во 11:37:10 часот | Македонија

Од мојата позиција како претседател на Стопанската комора на Македонија, која по правило има економски надлежности, сите овие години некако настојував да се држиме подалеку од темите кои не се поврзани со економската проблематика. Сепак, изминатите неколку месеци како повторно да го вклучија црвеното светло дека состојбите во секторот правосудство стануваат алармантни, и дека сите општествени чинители мора да се посветат на соодветно разрешување на тие прашања, пред било што друго да може да биде преземено, или пред да очекуваме позитивен резултат во било која друга сфера. Затоа, и самиот на темата за владеењето на правото во моментот ѝ давам приоритет пред економските теми.

Што се главните проблеми во нашето правосудство, кое треба да биде основниот столб на примената на принципот на владеење на правото? Лоренс Фридман, експерт за американската правна историја, вели:

„Правните системи не лебдат во некој културен вакуум, ослободен од простор и време и социјален контекст; нужно, тие го одразуваат она што се случува во нивните општества. На долг рок, тие ја преземаат формата на овие општества, исто како што ракавицата се приспособува себеси според обликот на човековата рака.“

 

Наједноставно кажано, ни се случи сета нефункционалност, непрофесионалност, непочитување на редот и поредокот што ги имавме во сите пори на општествениот и политичкиот систем сите години наназад, да ни се прелеат во правосудниот систем. Веројатно не ни бевме свесни дека работите таму се толку лоши. И токму кога чекавме баш правосудството да почне да ги решава аномалиите на целиот систем, да почне да ги враќа работите во некој нормален колосек, тоа ни покажа дека е потруло од скапаниците кои требаше да ги расчистува во системот во кој живееме.

Не е дека не се правеа обиди за реформи на правосудството сите овие години наназад – формално, барем на хартија, се исполнија сите претпоставки правосудството да се изгради како трета, независна и самостојна власт – сами одлучуваат за финансиите преку сопствен судски буџетски совет, сами одлучуваат за изборите и разрешувањата преку судскиот совет и советот на јавни обвинители, сами ги спроведуваат процесите на едукација и тренинг на кадрите преку академијата, милиони од странски донатори се потрошија за доопремување и за едукација… А сепак, впечатокот е дека правосудството е спаднато на полошо дереџе, од почетоците пред повеќе од 25 години.

Постарите генерации правници паметат времиња кога не смееше да се случи две спротивставени одлуки да излезат од ист суд, а уште помалку од ист судечки совет; кога предметите се решаваа за во нив да се изнајде вистината во духот на законите кои се применуваа, а не да се удоволи на страната која е преферирана; кога донесените одлуки носеа чувство на правичност дури и за страната што го губеше спорот; кога во повисоките инстанции напредуваа најквалитетните кадри, кои со своето резонирање даваа дополнителна вредност на правната практика, а не заслужни кадри по други основи; кога разрешувањата беа мерило за стручноста и совесноста на кадрите во правосудството, а не алатка на другите две власти…

Сето ова одамна го нема – не е дека ни се случи преку ноќ, туку полека, полека, една неправична одлука по друга, еден надворешно влијание врз одлучувањето по друго, еден нестручен кадар кој напредуваше по друг, доведоа до состојбите што ги имаме денес. Само никој од нас гласно тоа не го признаваше додека не ги почувствува последиците од тој систем по себе, и чувството на горчина што многу често, за жал, го носат резултатите од правосудството.

Правосудниот систем, таков каков што е денес, ни покажува дека веќе нема простор за реформирање – или одлучно ќе се пристапи кон негово целосно редефинирање од корен, или можеме да му пропишеме пропаст. Да се разбереме, не може да се генерализира – останаа сѐ уште во тој систем квалитетни кадри, врвни правници, кои се стручни, објективни и непристрасни, и кои доследно ги применуваат правилата и прописите. И токму од тие луѓе мора да започне враќањето на состојбите во нормала.

Со цел да дадеме свој придонес кон разрешувањето на овие прашања, во Стопанската комора на Македонија следната недела (на 26.08.2019 година) организираме Тркалезната маса на тема: „Владеење на правото како императив за стабилни и предвидливи услови за водење бизнис“, на која за овие прашања бизнис заедницата ќе продискутира заедно со клучните општествени чинители, научната и стручната јавност. Без расчистување на овие прашања економските приоритети остануваат само далечни желби.

Бранко Азески, претаедател на стопанска комора

 

 

* реклами:

Македонија

Свет