Ова во емисијата „Слободна зона“ на ТВ Европа го изјави европратеникот од редовите на владејачката бугарска партија ГЕРБ, Андреј Ковачев.

Одговарајќи на прашањето дали нема опасност политиката на Бугарија да се прифати како процес на преродба во Северна Македонија, Ковачев вели:

Тоа е апсурдно. На ниту еден начин никој не бара од живите Македонци да признаат дека се Бугари. Од промените во Југославија во 1989-1990 година минаа 30 години. Ние не можеме да бидеме обвинувани дека сакаме од некаде да тргнеме. Затоа ги имаме и првите почетоци-претседателот на Македонија за пв пат од 1944 година досега во една изјава вели дека Гоце Делчев се определил како Бугарин. Политичката и академската елита треба да работат повеќе на тоа, да се обединат околу тој историски факт. Никој не вели дека на западните соседи ќе им го земеме Гоце Делчев, ниту пак некој ги тера да се декларираат дека се Бугари. Ние им велиме дека ќе ги поддржиме за ЕУ, но нашата молба е, од почит и уважување кон нашите заеднички претци, да не си поигруваме со нивното сеќавање. Ние сакаме да ги придобиеме срцата, особено на младото поколение во Северна Македонија. Секој сам да ги прочита историските извори, без толкувања на овој или оној професор, кој ја наметнува својата теза.

Коментирајќи ги односите со Македонија и спорот за Гоце Делчев, Ковачев, меѓу другото, вели дека на Балканот самите треба да си ја завршиме работата и сами да си помогнеме за да ја очекуваме поддршката од ЕУ, што треба да е мотив за политичките елити во државите за да преземаат чекори за надминување на историските проблеми таложени со децении. Според него, треба да се престане со лицемерието и заткулисните игри да се потпише договор за кој се смета дека никогаш нема да се исполни и оти е само проформа.

Треба да сме на чисто дека во 2019 година има изграден македонски идентитет, што се прифаќа како автентичен од дел од сегашна Северна Македонија. Историјата треба да ја прифатиме објективно, таква каква што е, како и луѓето кои избрале да го прифатат македонскиот идентитет, зашто тоа е нивно право. Но, на ниту еден начин не треба да дозволиме да продолжи фалсификувањето на историјата. Можеби треба да се мине низ шок-терапија, зашто претставете си што значи за еден граѓанин на Северна Македонија кога ќе му кажете дека Гоце Делчев е Бугарин во ситуација кога тој уште од мал од учебниците по историја учел дека е Македонец, вели Ковачев.