Пендаровски-Штајнмајер: Цврста поддршка од Германија за интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ и во НАТО

Објавено на 25.06.2019 во 14:51:09 часот | Македонија

Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски, во рамки на официјалната посета на Сојузна Република Германија, денеска во Берлин оствари средба со претседателот на Сојузна Република Германија Франк-Валтер Штајнмајер, на која било разговарано за севкупните билатерални односи меѓу двете земји, состојбите во регионот, како и за евроатлантските аспирации на нашата земја.

На средбата, како што информираат од кабинетот на Пендаровски, двајцата претседатели оцениле дека двете држави имаат одлични билатерални односи, како на политички план, така и во повеќе други сфери од заеднички интерес, како што се одбраната и безбедноста, економијата и образованието.

Во изминатата година, нагласи претседателот Пендаровски, двете држави остварија трговска размена од 4,3 милијарди долари, а во 2019 година тој износ веќе надминува 1 милијарда долари, со што Германија е на врвот на листата на трговски партнери на Северна Македонија.

Претседателот Штајнмајер ја потврдил цврстата поддршка на Германија за интеграцијата на Северна Македонија во Европската унија и во НАТО.

Претседателот Пендаровски се заблагодарил за постојаната поддршка и изразил очекување дека Република Северна Македонија наскоро ќе ги отпочне пристапните преговори за членство во Европската унија, и дека во најскоро време ќе биде завршена ратификацијата на Протоколот за пристапување од страна на земјите членки на НАТО, со што Република Северна Македонија ќе стане полноправна членка на алијансата. Во тој контекст, Пендаровски изразил задоволство за ратификацијата на Протоколот за пристапување во НАТО од страна на германскиот Бундестаг.

Пендаровски, се наведува во соопштението од неговиот кабинет, оценил дека денешната средба и реализацијата на посетата на Германија е можност за обновување и интензивирање на дијалогот на ниво на претседатели, а во функција на натамошно зајакнување на партнерството меѓу Република Северна Македонија и Сојузна Република Германија.

 

 

* реклами:

Македонија

Свет