Тамара за настапот на Парадата на гордоста: Љубов е љубов!

Објавено на 25.06.2019 во 12:05:03 часот | Македонија

Популарната поп пејачка и наша годинашна евровизиска претставничка, која ни донесе голем успех на музичката манифестација, Тамара Тодевска, ќе настапи на Парадата на гордоста која ќе се одржи во сабота, на 29-ти јуни во Скопје.

Парадата околу чие одржување јавноста е доста поделена, за прв пат ќе се случува во Скопје. Инаку, нашата земја е последна во регионот која организира Парада на гордоста и овој настан е еден вид на порака дека сме општество во кое се почитуваат човековите права и слободи на сите граѓани, вклучувајќи ја и ЛГБТИ заедницата.

Откако вчера Тодевска на својот Твитер профил ја сподели веста дека ќе настапи на истата, со зборовите  „Многу горда што ќе настапам на првата Парада на гордоста во Скопје, се гледаме на 29-ти јуни“, социјалните мрежи се преполнија со низа на коментари и дискусии околу тоа дали треба да се поддржи парадата.

И додека дел од јавноста ја осудува парадата и сите кои ја поддржуваат ширејќи хомофобија, трансфобија и говор на омраза, добар дел од народот смета дека секој има право да си го живее животот како што сака, се додека не му штети на другиот.

Во разговор за ,,Фокус” по повод настапот на парадата, Тодевска порача дека љубовта е љубов и нема место за предрасуди.

-Секој заслужува да го живее животот според свои правила. Сакајте се, радувајте се, животот е убав. Љубов е љубов – ни изјави Тамара.

Покрај неа, најавено е гостување и на други музичари, односно диџеји.

 

 

* реклами:

 

 

 

 

Македонија

Свет