Ципрас не се предава иако доживеа пораз на ЕУ изборите: Загубивме битка, но пред нас е критична војна

Објавено на 28.05.2019 во 21:19:51 часот | Балкан

Изборниот резултат беше под нашите очекувања, не само за нас туку и за илјадниците прогресивни и демократски граѓани во земјата, загубивме една битка, но пред нас е критичната војна, рече грчкиот премиер Алексис Ципрас во неговото обраќање на состанокот на Централниот и Изборниот комитет на СИРИЗА.

Во говорот Ципрас неколку пати повтори дека тие ја примиле пораката од граѓаните изразена на европските избори, а доказ за тоа е дека вчера, како што рече, „не одбраа да си свиркаат пред резултатот“, туку наместо да го исцрпи четиригодишниот мандат да ги забрза парламентарните избори.

– Не ја игнорираме пораката од вчерашните европски избори, пораката ја примивме. Ја примивме пораката од граѓаните кои гласаа за нас, но вчера преферираа да не излезат на гласање, на тој начин изразувајќи го нивното незадоволство. Ја примивме пораката на разочараност на илјадници гласачи на СИРИЗА кои секако не се приклучија кон Нова демократија, но вчера одбраа некоја од помалите демократски партии. Ја примивме пораката на замор на општеството по осум години меморандуми, рече грчкиот премиер коментирајќи го вчерашниот пораз.

Ципрас додаде дека „сите знаеме дека една е дилемата за европските избори, а друга е дилемата на националните избори“ и рече дека „традиционално европските избори, уште од 1981 се избори кои во исто време се можност за граѓаните да го изразат нивното незадоволство“.

– Сакам на крај да ви ја кажам фразата на Ниче: Она што не те убива, те прави посилен. И ние денес сме овде, посилни, поодлучни, поупорни и да запаметите, можеби она од вчера да ни донесе нешто добро, рече Алексис Ципрас завршувајќи го неговото обраќање.

 

 

* реклами:

loading...

Балкан

Македонија