Ќе се гради нов експресен пат од Битола кон Грција за излез на Јонското море, од Грчка граница до морето патот е веќе направен, чекаат нас да ни текне да го доградиме од наша страна

Објавено на 06.05.2019 во 23:12:04 часот | Македонија

По неколку години поминати во најава, државата конечно се одлучи да почне со проектирање на новиот експресен пат од Битола до македонско – грчката граница. Грција уште пред неколку години го има изградено новиот експресен пат до границата и ги чека македонските власти да го завршат нивниот дел од работата за да профункционира паневропскиот Коридор 10д. Идниот експресен пат од Битола до Меџитлија треба да обезбеди брза врска на нашата земја со пристаништето Игуменица на Јонското море, но и помало време за патување од пелагонискиот регион кон Солун.

– Склучен е договор со проектантска куќа за проектирање за наведената делница со краен рок на завршување до 28.08.2021 година и во тој временски рок треба да се комплетира целокупната проектна документација – велат за „Мета“ од Јавното претпријатие за државни патишта. Проектантот во пакет ќе треба да ги заврши идејниот, инфраструктурниот и основниот проект, по што државата ќе може директно да пристапи кон изградба на патот.

Планираната должина на експресниот пат е околу 20 километри, а по него возилата би можеле да се движат со брзина до 130 километри на час. Идната патна врска меѓу Северна Македонија и Грција ќе има две коловозни ленти и помошна лента за застанување, со вкупна ширина на патот од 11,4 метри. Вредноста на инвестицијата треба дополнително да се утврди со завршувањето на фазата проектирање, по што владата ќе треба да пронајде средства за изведба на проектот.

Од македонската страна на границата, идната траса Битола – Меџитлија ќе треба да се поврзе на новиот експресен пат Градско – Прилеп, којшто веќе се гради. Проектот ќе вклучи и изведба на нова обиколница околу Битола. На грчка територија, идниот патен правец ќе се поврзе на автопатот А27, кој е крак на “Егнатиа Одос“.

Мета

 

 

* реклами:

Македонија

Свет