(ВИДЕО) ЗАЕВ ЗА ИЗЈАВИТЕ НА АРТАН ГРУБИ: ДА НЕ СЕ ЧАТАЛИМЕ МНОГУ, НИКОЈ НЕ ГИ НОСИ ГЛАСОВИТЕ В ЏЕБ!

Објавено на 06.05.2019 во 14:48:38 часот | Македонија

Премиерот Зоран Заев рече дека политичарите не располагаат со гласовите на граѓаните, одговарајќи на новинарско прашање дали победата на Стево Пендаровски на претседателските избори му ја донеле гласовите од ДУИ, како што имало изјави од претставници на оваа партија.

„Да не се чаталиме многу, никој не ги носи гласовите на граѓаните во џеб, ниту политичарите, ниту партиите. Видовме дека во изборот на претседател имаа влијание гласовите од сите етнички групи и партии и Стево Пендаровски ќе биде претседател на сите граѓани. Им се заблагодарувам и на гласачите на Блерим Река и на двете опозициски партии кои ги ослободија гласачите да излезат и да гласаат и да избереме претседател“, рече Заев по одбележувањето на Денот на македонскиот јазик во Владата.

Тој кажа дека промени ќе има и на локално и на централно ниво, но дека ќе има и промени во СДСМ, каде што е претседател.

„Анализите ќе покажат каде треба да се направат промените, но прво мора да бидат прогласени изборите. Јас сум одговорен за извршната власт, односно ќе има промена во владата од аспект на заменици министри, државни секретари во државните јавни претпријатија и акционерски друштва. Но, ќе има и промени и во партијата каде што сум претседател на носители на функции на локално и централно ниво“, рече Заев.

Тој кажа дека за овие промени ќе разговараат и во СДСМ, бидејќи партијата има статут и свои правила и дека тој е претседател има влијание, но дека за промените во извршната власт не одлучува сам.

„Анкетите и анализите ќе покажат кој ќе биде тоа, тие што најмалку сработиле и таму каде незадоволството од граѓаните е најголемо“, рече Заев.

 

 

* реклами:

 

 

 

 

Македонија

Свет