НАУЧНО ДОКАЖАНО НАД 650 000 ДЕЦА: Вакцината против мали сипаници не предизвикува аутизам

Објавено на 06.03.2019 во 23:13:24 часот | Македонија

 
Фото Профимедиа

Вакцината која штити од мали сипаници, рубеола и паротит не го зголемува ризикот од појава на аутизам, покажува најнова студија објавена денеска во која биле вклучени 657.461 деца. Студијата била фокусирана токму на истражување на тоа дали постои врска меѓу МРП-вакцината и аутизмот.

Децата вклучени во студијата се од Данска родени меѓу 1999 и 2010 година и се следени од кога биле на возраст од една година се до 31 август 2013 година.

„Студијата силно го поддржува фактот дека МРП вакцинацијата не го зголемува ризикот од аутизам, не е тригер фактор за појава за аутизам кај сомнителните деца, и не е асоцирана  со појавата на аутизам по вакцинирањето“, се вели во заклучокот.

Професорката Александра Грозданова која го води Националниот комитет за имунизација вели дека оваа студија е една од најрелеваните што досега е напраена на оваа тема.

-Студијата е значајна зошто со неа се следени најголем број на деца повеќе од 600.000 и во најдолг период од 14 години, а во предвид се земени и сите дополнителни фактори кои можеле да влијаат на резултатите. Исто така треба да се напомене дека е финансисрана од фармацевтска компанија која не произведува МРП-вакцини, како и од данското министерство за здравство. Студијата го потврдува она што и досега се докажуваше во некои помали студии дека МРП-вакцината не е поврзана со појава на аутизмот, ниту пак е тригер фактор – вели Грозданова.

Поради малиот опфат со оваа вакцина во земјава се појава епидемија на мали сипаници. Досега има неколку жртви, а епидемија е прогласена во Скопје, Тетово, Куманово и Гевгелија. Епидемиолозите прогнозираат дека морбилите ќе се шират и во другите градови затоа што има голем број на невакцинирани деца надвор од Скопје. Малите сипаници се особено опасни бидејќи се многу заразни и предизвикуваат тешки компликации на белите дробови и централниот нервен систем.

 

 

* реклами:

 

 

 

 

Македонија

Свет