Кој е Стево Пендаровски, идниот претседател на државата?

Објавено на 02.03.2019 во 23:28:07 часот | Македонија

Од портпарол во МВР  до долгогодишен советник за безбедност и надворешна политика во кабинетите на двајца македонски претседатели на државата. Поранешен прв човек на ДИК, професор и актуелен владин функционер.  Кој е Стево Пендаровски, консензуалниот претседателски кандидат на СДСМ и ДУИ, кој по вторпат ќе влезе во трката за шеф на државата?

Од ноември 2017 Стево Пендаровски е назначен за национален координатор за НАТО. Кратко пред да го именуваат на функцијата, тој беше пратеник во Собранието, а во изминатите  11 години бил професор на Универзитетот „Американ колеџ“ Скопје каде што предавал повеќе предмети од областа на геополитиката, глобализацијата и меѓународните односи и безбедност.

Во периодот 1998-2001 бил началник на Управата за аналитика и истражување во Министерството за внатрешни работи и портпарол на министерството, а од 2001 до 2004 година бил советник за национална безбедност на претседателот Борис Трајковски.

Од 2004 до 2005 година Пендаровски бил претседател на Државната изборна комисија. Од 2005 до 2009 година се враќа во претседателскиот кабинет, но како советник за надворешна политика на претседателот Бранко Црвенковски.

Пендаровски важи за натпартиска личност, иако на последните избори во 2016 беше носител на листата на СДСМ во првата изборна единица. Во 2014 тој беше кандидатот на СДСМ за претседател на државата, но на изборите загуби од Ѓорге Иванов со 398 илјади гласа, наспроти Иванов, кој освои 534 илјади гласа.

 

 

* реклами:

Македонија

Свет