ПРЕМИЕРЕ ЗАЕВ, ИМАЈТЕ НА УМ ДЕКА СТУДЕНТСКИТЕ ДОМОВИ СЕ СРЦЕТО НА МАКЕДОНСКАТА ЛЕВИЦА, ИДЕОЛОШКИ, ФИЗИЧКИ, СОЦИЈАЛНО, МОРАЛНО, ФИЛОЗОФСКИ, ТОА СЕ ВАШИТЕ МЕКА И МЕДИНА, ТОА Е ВАШИОТ ЕРУСАЛИМ!!!

Објавено на 18.11.2018 во 23:51:27 часот | Колумни

Саше Ивановски

Новинар, основач и сопственик на Мактел.мк


Јас немаше да бидам денеска тој што сум да ги немаше студентските домови во Скопје.

Стотици илјади Македонци денеска немаше да се тоа што се, имено, доктори, политичари, инженери, економисти, газди, правници, судии, обвинители да не беа тие легендарни руини, ругла, невидени дупки во секоја смисла...

Тие вакви, такви, никакви, се единствените скали преку кои стотици илјади Македонци со децении се обидувале, и дел успеале да се искачат низ општествената скала на животот, да се спасат од тешкиот живот во провинцијата и Скопските предградија, или пак да се вратат во истите ама со диплома под мишка па да можат да си заработат не само корка леб, туку и малце путерче озгора...

Затоа премиере, кога веќе сте на власт, и кога земјава конечно полека заглибува во една нормала, кога бродот Македонија конечно плови во мирни води, редно е да направите од овие грозни места нешто што ќе биде наша гордост.

Тоа што премиере за ВМРОНИТЕ беа спомениците, црквите, фасадите, барокот, тоа за вас да биде опсесија студентските домови, и не само во Скопје, туку и во Штип, Битола, Прилеп...

Да ги позлатите премиере, да светат, да нема што нема тамо, да инвестирате милиони евра, затоа што тие пари ќе ни се вратат пута сто, низ тие простории, соби, сали, мензи ќе продефилираат стотици илјади сиромашни деца на радничката класа, ќе сркаат манџичка и гравче, ќе седат во читалните дење ноќе, за еден ден да бидат судии, политичари, бизнисмени, големи новинарски пера, главни чинители кои ќе ја влечат земјава во права насока.

Ве молам премиере, обратете големо внимание на студентските домови, после вашата власт, тие да личат како што личи сега владата и парламентот, реновирани, оплемените, раскошни, све да има, и од пиле млеко!!!

Студентските домови, за тие што не знаат, се дом, мини свет, за многу деца кои имаат големи соништа. Тие тамо спијат, јадат, учат, социјализираат, таму ги наоѓаат првите љубови, првите разочарувања, таму ги бијат битките со тешките факултети, со сиромаштијата, тамо се перат, тамо живеат како во едно гето, затоа што месечно имаат по 100е на располагање, и со тие пари треба да се плати и храна и облека и книги и месечна карта и пијачки и све, не дај боже да се разболат, тогаш се навистина во милост и немилост на суровоста на животот...

Не е лошо во студентските домови да има психијатар, општ доктор, возило за итен превоз на болни студенти по болници во ниедно време, медицински сестри кои ќе им помагаат на студентите кога ќе паднат болни од разни вируси, затоа што не се дома па ја нема мама и тато и бато да им помогне да застанат на нозе...

 

 

* реклами:

 

 

Колумни

Македонија